МЕРАК ЗА “СВЕТИ” КУЧИЊА

Горан Дојчиноски – одгледувач на Бернардиници               

Одличен семеен пес, а и добар чувар, украс за дворот

Најбитен документ е педигрето

Горан Дојчиноски, со 34 години е врвен експерт за точно одреден вид на кучиња – Бернардинци. Првото куче го купил во 2005-та година од сограѓанин. Под кожа му влегле добродушноста, кроткоста, лојалноста и психичката смиреност. Зад грандиозната надворешност се крие душа на светец. Одличен семеен пес, а и добар чувар, кој прво дава абер со лаење, пред да нападне. Вистински декор за дворот и трпелив е со деца.

– Ме бендисува тоа што се најчисти кучиња. Не се вкрстуваат со други сорти. Секогаш се надмоќни над другите раси. Првото куче, Сара го купив на двемесечна старост, а на изложба се појави со девет месеци. Ги воодушеви судиите со карактеристиките. На битолскиот натпревар беше првак во класата јуниори – кажува за почетоците Горан, со прекар од детството Чевлето.

Се навлекол на овие добронамерни кучиња во 2008 година, запознавајќи се со еден од луѓето со најдобри Бернардинци, Золтан Пеканиќ. Од Србинот купил две кучиња. Мажјакот Велики Занзибар бил син на светски и европски првак, а женката Наоми ја зел за расплод. До тогаш Дојчиноски ја научил и основата и посебностите на кинологијата, а посебно за Бернардинците.

– Научив дека за одбирање на добро куче потребни се доста документи. Разбрав дека се наоѓаат кучиња од ваква раса и за 100 – 200 евра, но за квалитетна единка се издвојуваат и до 1500 евра. Потребна е здравствена книшка, во која се заверуваат сите потребни вакцини и ревакцини. Тоа после се внесува во здравствениот сертификат. Најбитен документ е родовникот, односно педигрето. Се гледа кучето да е од добри родители, но и подалеку. Се открива дали во семејството имало куче со аномалии. Главен носител на вредностите и мааните кај Бернардинецот, или околу 90 отсто се пренесуваат од гранката на мајката во родовникот. За одгледување се потребни доста вложувања и труд. На крајот, тоа се “исплатува” со љубовта што ја пружаат овие корпулентни животни со златна душа. Се хранат со гранули, месо и млечни производи. Јадат двојно повеќе од Шарпланинците. Пред натпревар и по два пати дневно. Храната за шампионите ја зајакнувам со витамини, Биотин и К – фортен. За убавината на долгото крзно потребно е рибино масло и четкање еднаш неделно. Да не се здебелат и да ја изгубат саканата форма, треба да се шетаат на подолги патеки или да се истрчаат во придружба на сопственикот со велосипед. Дневно треба да им се посветат околу два до три часа – објаснува Дојчиноски, кој како работник во фирма за изработка на мебел секогаш наоѓа време за неговите миленици.

Пред изложба Бернардинецот се носи во Скопје на посебен третман – груминг. Во него влегува потстрижување, капење и сушење на крзното со бластер (појак фен), сечење на ноктите и чистење на ушите. На храна и други производи за леглото, Горан троши околу 400 евра годишно. 

Со Занзибар ги собрал сите трофеи во Македонија и во соседството. Вели дека е непобедлив, а за тоа сведочат првите места на изложбите во цела  Македонија, Белград и Нови Сад во Србија, Бугарија и во Солун, Грција.

– Судиите го гледаат секој детал кај кучето на изложбите. Прво екстериерот и движењето, па карактерот и посебно размерот на главата, очите, носот, ушите, а посебно внимание се обрнува на забалото, каде сите заби треба да бидат со соодветна големина. Заради големината на расата, Бернардинците пред изложба треба да се снимат на рентген апарат, да им се видат коските на нозете. И за тоа треба стручнак, кој прво го успива кучето за да може да извади добра рентгентска снимка – ги објаснува деталите за одгледување на шампионски Бернардинец, Горан, кој е семеен човек.

Леглото на Дојчиноски брои шест Бернардинци над девет месеци, кои се сметаат за возрасни и пет мали, од по два-три месеци. Возрасните му служат за расплод и за изложби, а да ги покрие трошоците, малите ги продава преку интернет на странци од Бугарија, Белгија, Холандија и Србија. Плодниот период на женките е од 24 месеци до 7 години, со внимание да не се форсира “чифтењето”, зашто може да се изгуби на квалитет. Затоа Дојчиноски ги множи женките преку еден циклус. Љубителите на чистокрвни Бернардинци не штедат пари, ако видат добар примерок. При продажбата, на идниот сопственик му се дава и родовникот и здравствената книшка.

– На последната изложба во Кривогаштани, Занзибар беше најдобар, женката доби титула најубава млада Бернардинка, а нивниот син беше најдобро машко куче. Токму затоа иднината ја гледам во квалитетно легло со малку кученца, а не со квантитетно “производство”, како што прават другите.

Уката за Бернардинците, Горан ја црпи од стручна литература, интернет и најмногу од размена на искуства со учесниците на изложбите и со советување со судиите.

Споменик за Бернардинец

– Татковина на Бернардинците е Швајцарија. Името е дојдено според монасите од манастирот Свети Бернард. Митот за Бернардинец со буренце рум околу вратот не е неоснован. Во Земјата на Алпите, експедициите воделе вакви кучиња, зашто биле специјално тренирани за спасување на луѓе закопани од лавина. Најмногу луѓе спасило Бернардинецот Бари, кое и рането успеало да доведе планинар до населено место. Затоа во главниот град, Берн има и споменик посветен на ова куче – кажува Горан за историјатот и благородноста.  

Loading