ПРАЗНИКОТ СЕ СЛАВЕЛ КРАДЕШКУМ

Кире Крстески, бакал од навек

– Иницијатори на одбележувањето на Денот на бакалите биле Леко Пештале, Димче Пинзуро, Методија Кајзеро и Димко Попето во 1950 година.

– Празникот Свети Три Светители се одбележува денес со присуство на поглаварот на МПЦ

Прилеп е единствениот град каде трговците со колонијални стоки повеќе од половина век организирано го прославуваат заштитникот на еснафот. Бакалите, за празник го имаат земено Свети Три Светители, кој се слави на 12 февруари. Некогаш се собирале крадешкум, за денес овие продавачи на разни ситни производи, обично прехранбена стока, кои уште  се нарекуваат со архаизмот со турско потекло – бакали, со фешти и масовно, го одржуваат и одбележуваат празникот. Така било и лани, и оломнани, а весело ќе биде и в недела кога припадниците на еснафот ќе се соберат на заеднички ручек во манастирот “Св. Димитрија”. Собраните средства кои некогаш знаат да бидат и повисоки од илјада евра ќе ги донираат повторно за обнова на верскиот храм во Селце.

Празнување со ѓумче вино и рака шеќерчиња

Кире Крстески е бакал од век, и така ќе остане познат во прилепската чаршија. Ја знае душата на муштеријата, но ги знае и правилата како се реди стоката во дуќанот. Се сеќава дека некогаш мошне скромно се празнувал Денот, за денеска да биде, манифестација која добива масовност и поддршка од општината и бизнис секторот.

– Во 50-те години на минатиот век, било потешко да се одржува овој празник. Првенците на бакалскиот еснаф работеле во центарот на градов. Тајно го прославувале празникот, се засолнувале, се криеле и не можеле слободно да го слават како сега. Зашто тогаш имало друго општествено уредување и потешко можеле да одат во цркви и да ги организираат прославите. Со едно ѓумче вино и рака шеќерчиња се одело кај сите бакали, оти не биле многу на број, како сега. Кај еден домаќин, па кај друг наредната година и тајно го поминувале празникот. Традицијата во 1950 година ја започнале, востановиле Леко Пештале, Димче Пинзуро, Методија Кајзеро и Димко Попето. Овој муабет ми го кажаа старите бакали Мирко Попето и Димче Пинзуро. Велеа дека со виното и шеќерчињата ќе ги поминеле сите куќи на бакалите и ќе појделе кај домаќинот. Таму ќе се почестеле, ќе се напиеле по една – две ракии или вино и толку – вели бакалот Кире Крстески.

Рамен бакалски еснаф

Сега е поинаку. На 12. февруари има литургија во црквата. Доаѓаат владиците, им дава благослов дедо Петре, за да одат во Скопје и го покануваат и г.г. Стефан, а тој вика уште еден за да бидат тројца владици како што налага и празникот – Три Светители, кој им е земен како заштитник.

Празникот посветен на Св. Василиј Велики, Св. Григориј  Богослов и Св. Јован Златоуст, е земен за патрон. Според кажување од владиците, порано, секој од светителите се славел на различен датум. За да не се надјачуваат, кој е поголем, решиле да земат единствен датум. Како што трите светители имале вредности, памет, златоусност, јачина, така и бакалите почнале меѓусебе да се расправаат кој е поголем трговец. Тогаш решиле да бидат споени во еден празник, како што биле и светителите мудри, да нема и некој од бакалите помудар, туку сите еднакви, па го зеле за заштитник денот на Светите Три Светители.

– Го прославуваме заеднички сите бакали, зашто сме поврзани како еснаф за да го одбележиме денот. Ја негуваме и продолжуваме традицијата. И младите нé следат. Има интерес и кај нив. Од година во година идат помлади и позаинтересирани. Тоа е добро да се одржи еснафот и да продолжи понатаму. Тоа се должи на фактот што Прилеп од секогаш важел за трговски град. Затоа и ние сме толку сплотени и го пренесуваме празникот од генерација на генерација. Во 1985 година, прв пат бев домаќин. Имав околу 35 души гости. Обврска на домаќинот беше да организира ручек за сите дојдени, без помош од спонзори или фирми. Во тоа време, сите бакали, на чело со владиката Петар и попови од нашата епархија дојдоа кај мене дома. Тргна за напред и почувствував после домаќинлакот дека поубаво киниса работата – се сеќава Крстески.

Со трговија почнал од 1974 г. Првин со бои и лакови, а после бил во прехрана во државно. До 1994 г. во Центропромет, а после отворил дуќан во пазарот за прехрана кој го работел до 2006-та година. После 3 – 4 години држел магацин на големо. Како бакал го знае занаетот темелно.

– Сега дојде да може да биде директор и со осмо одделение. Бакалската работа е специфична, зашто треба да ги познаваш артиклите, да го познаваш асортиманот на стоката, да знаеш како да го наредиш и како да го суредиш. Не може шеќерот да го ставиме долу, а горе прашок за перење. Кон муштериите треба да бидеш добар, гостопримлив и да се водиш под мотото дека муштеријата е секогаш во право, и да се приспособуваш на различни табиети. Сме чувале тефтери за дадено на вересија, а се случувало никогаш да не ни платат, па на крајот на годината ќе го избришеме. Во сите самопослуги каде што сум работел имаше тетратка за вересија – вели Крстески.

Маалските дуќани им пркосат на супермаркетите

Во здружението на бакалите има околу 30 сопственици на колонијални продавници, а вкупниот број на прехранбени дуќани е над 300, во кои спаѓаат мааалските дуќани кои се обидуваат да одолеат на конкуренцијата која им ја наметнуваат големите супермаркети.

– Во ова време на супермаркети со дампинг цени, нема вересија, иако се претежно маалски дуќани со познати муштерии. Ако продолжи ваквото темпо на маркетите, ситните дуќани ќе пропаднат. Предност имаат посиромашните луѓе, кои чекаат да земат пари од тутунот, од земјоделието, од бавчите. Ние ги одржуваме тие луѓе додека не ги земат парите од сработеното. Градот има најголем зијан од маркетите. Ако нашите муштерии одат во маркетите, нашите пари не остануваат во градов, туку се одлеваат. Треба домашното да си остане дома, во маалските дуќани, за обртот на парите да циркулира во градов – вели Крстески.  

Прилепчани важат за мудри и упорни луѓе и со гордост се сеќават дека првите панаѓури кои се организирале биле токму под Марковите кули, каде доаѓале трговци и од Солун. Бакалите не губат надеж, а дека се верни на својот корен, на претците ќе посведочи и монографијата која ја подготвуваат за в година, во која ќе се соберат сите приказни за продавачите на газија, масло, алва, па до оние на киви и брокули.

БАКАЛСКА ГОЗБА ВО СЕЛЦЕ

В недела, на 23 февруари во 12 часот во манастирот Св. Димитрија во Селце, се ораганизира заеднички ручек за празникот на бакалите кој со црковни церемонии се одбележа на денот на Светите Три Светители во присуство на поглаварот на МПЦ г.г. Стегфан. Бакалите најавуваат масовна прослава.

– Организацијата на празникот Св. Три Светители не би можела да се одржи без помош на спонзорите. Благодарни им сме на Витаминка, Прилепската Пиварница, Винаријата Пирган, Магацините за колонијална стока, фурните и сите продавници од нашиот град. Посебна благодарност до градоначалникот Марјан Ристески заедно со локалната самоуправа што несебично го поддржуваат нашиот празник за што подостоинствено да го прославиме. Сето јадење и пиење е од спонзорите. Ние сите даваме средства, кои после прославата ги донираме во манастирот Св. Димитрија – вели Жарко Петлески од бакалскиот еснаф.

Домаќин годинава е  Дарко Цуцулески кој се радува што помладите се помногубројни и сите се добродојдени. 

Loading