ТОПОЛ ФЕВРУАРИ

Да не беше снегот 2 – 3 дена, годинава ќе заборавевме што е студ и саглам зима. Јануари малку стегна лад, но февруари е како пролетен месец. Температурата на пладне надминува 20 степени на средината од месецот Сечко, со што тој го губи епитетот најстуден месец во годината. Пријатното време им годи на прилепчани. Дома не  трошат толку дрва или струја за огрев, а и ретко кој е имун на сонцето да остане затворен меѓу четири ѕида. Се вади максимумот од температурниот благодет, па кафулињата се полни со луѓе кои релаксирано пијат кафе под ведро небо среде вториот месец од годината. Постарите пак, ги запоседнале скоро сите клупи во парковите и околу плоштадот да соберат топлина и, ако се во друштво, да избистрат некоја политика. Времето на сите ни пригодува, но се нарушува природниот циклус, што може да доведе  прерано цветање на овошките и опасност од мрзнење на цветовите, а со тоа исчезнуваат и плодовите. Тоа пак доведува до скапо овошје в лето. Но, има бетер. Топлото време сега, може да ни се врати во август како сушно лето без вода.   

Loading