БИЗНИСМЕНИТЕ ГО МЕРКААТ ПРИСТАНИШТЕТО ДРАЧ

Интензивирање на економската соработка на компаниите од пелагониско – преспанскиот регион со биснис заедницата од албанскиот град Драч беше поводот за престој на наша бизнис делегација во Драч под водство на претседателот на регионалната стопанска комора Симон Наумоски во придружба на градоначалниците на Прилеп и Ресен, Марјан Ристески и Ѓоко Стрезовски. Стопанствениците се запознале со можностите на пристаништето во Драч и со компаниите кои гравитираат во околината и во престолнината Тирана. Од страна на амбасадорот Стојан Карајанов, делегацијата била информирана со бизнис амбиентот во Албанија. Тој укажал дека албанските стопанственици се расположени за соработка и трговска размена на база на добрите политички односи и географската местоположба. Постои тенденција кај голем дел албански компании да ги заменат стоките од Италија со македонски, зашто е констатиран раст на квалитетот на македонските производи. Амбасадорот ги упатил домаќините за можностите за конкретна соработка со Витаминка, Прилепската пиварница, Мермерен Комбинат и Дониа, па печатницата Киро Дандаро, млекарницата Би-Милк, Квасарата од Битола и Свислион-Агроплод од Ресен.

Нашата повеќечлена делегација се сретнала со првите луѓе на трговско – индустриската комора и на пристаништето и со градоначалникот на Драч, при што на гостите им биле презентирани условите за инвестирање и експлоатација на пристанишните услуги. Поради местоположбата на Драч и услугите од пристаништето, оваа бизнис дестинација станува атрактивна за македонските фирми, особено со фактот што пристаништето се модернизира и за кусо време ќе се приспособи за прием на бродови со тешки товари.

Градоначалникот на Драч на своите колеги од Прилеп и Ресен им ги претставил економските потенцијали и природни ресурси. 

Loading