МОЛИВ ИЛИ КОМПЈУТЕР

Ивана Костадиновиќ слика со рака и со програми 

– Самоук млад уметник баран за портрети преку Фесјбук

– Нова димензија со информатички техники кои не се изведуваат рачно

Младата и надежна сликарка, Ивана Костадиновиќ, е само втора година во СОУ “Ристе Ристески – Ричко”, а има невидена дарба за цртање. И тоа без курсеви или генетска предиспозиција. Вистински самоук уметник.

За себе вели дека го одбрала училиштето, токму струката графички техничар, затоа што се изучувале содржини што ја интересирале од мала. Моливот и боиците í се постојан придружник, зашто слика откако памети.

– Омилени ми се портретите. Па како модели во цртањето ми служеа татко ми, дедо ми и потесната фамилија. Тоа беше пред една година, кога професорот по практична настава, Тони Палачаров, откри дека располагам со дарба за сликање и ме поттикнуваше да се надоградувам – кажува Ивана.

Во нејзиниот клас учат 23 ученици, а таа е единствена која толку сака рачно да слика. Останатите повеќе ги влече техничкиот аспект со програми и компјутерска обработка. Ивана не крие дека со душа чека да ги изучува и компјутерските програми, CorelDraw i Photoshop, ама не ги попушта дрвените боици и моливот како основен алат за работа.

– Од практичната настава во печатницата “11 Октомври”, успеав добро да ја совладам програмата Adobe Indesign, која ми е уживање. На училиште и дома ја користам апликацијата за креирање на флаери или мои замислени магазини, што е и примарна задача на Индисајн-от. Се работи со слоеви, каде одбирам боја на текст, формат и фонт, а потоа го ставам на одредено место од површината. Сî треба да оди според однапред направена скица, зашто императив е прецизноста. Со мало објаснување, ја сфатив суштината и го истражувам тоа поле. Се надевам дека со леснотија ќе ги совладам и CorelDraw i Photoshop. Веќе ги откривам тајните на сложениот интерфејс со туторијали од Јутуб, препорачани од професорот Палачаров – ја објаснува техничката страна од љубовта кон сликањето, Ивана.

Да знае да се снајде во практичната настава, таа добро е теоретски поткована со предметите – машини уреди и материјали, дизајн и графички материјали. Со наученото може да им “одмали” малку од ангажманот на вработените во печатницата, правејќи поситни работи, како делови од календари и слично. Во една недела има три часови пракса, а за тоа време, работниците ја подучуваат за машините, начинот на работа и í  дозволуваат да испроба сама да направи некој печатарски производ. Смета дека убавината на цртежите е рачно изработени нема да бидат нагрдени, доколку се изведат во некоја од програмите за техничко цртање, туку напротив ќе им се даде нова димензија со техники кои не можат рачно да се изведат.

– Покрај љубопитноста за учење на нови апликации, никогаш не ја изоставам пасијата да цртам портрети. Тоа ми е омилено “хоби”, речиси ми претставува одмор на душата. Секоја година во училиштето се организира изложба во која учествував лани со две дела на тема “Античка Македонија”. Насликаните монети беа толку слични со оригиналот, што луѓето мислеа дека е фотографија. Како член на ДЛУМ, учествував на неколку групни изложби и мојот портрет секогаш е пофалуван. Луѓето се распрашуваат, па преку контакт профил на Фејсбук, стигнуваат пораки за портрети. Си помислив, зашто тоа што го правам од љубов, да не го наплатам симболично. Сум насликала околу 20 портрети, речиси сосема верни на испратената фотографија на ФБ профилот. Ми праќаат повеќе фотографии, со молба да изменам нешто за да биде поубав портретот. Ме радува што се враќа од минатото желбата за големи фамилијарни портрети. Последен таков ми беше за едно семејство со мајка, татко и ќерка. Го работев три дена, по три часа во денот и според зборовите на клиентите, сум ги доловила нивните очекувања – задоволно кажува Ивана.

Уште магливо размислува за иднината на образованието. Од една страна посигурен е Техничкиот факултет за вработување, а од друга страна душата ја тера накај ликовната академија. 

Loading