ПАДОБРАНСКА СВИЛА ЗА ШАМИЈА ПРОТИВ СТУДОТ

70 години од Февруарскиот поход

– Халуцинации на минус 15 степени

Претседател на Сојузот на борци, Благоја Чоноски е единствениот преживеан прилепчанец кој ја дочека 70 годишнината од двонеделната партизанската голгота од 300 километри  пеш по снег и студ – Февруарскиот поход од 1944. На 89 годишна возраст до детал се сеќава на најмасовната акција на македонските партизани во Втората Светска војна.

– Бев помошник на пушкомитралезецот со 16 години. Од ослободената Дебарца, под јак притисок на фашистите и нивни слуги (Балисти, Четници и Контраши), се повлекувавме кон Егејска Македонија да не лееме крв во непобедлива битка со бројно надмоќен непријател. Пеш боси, гладни и жедни минавме над 300 километри до Кожуф до селото Герман, преку Галичица, Преспа… Снегот нî надвишуваше. Се движевме по работ на планините. Од студот се “греевме со шамии од стари падобрани. На двонеделниот марш останаа во студот 700 борци од тргнати 800. Ветрот не нишаше на сите страни, температурата беше под  минус 15 степени. Партизаните халуцинираа од студ, глад, премаленост и ниското ниво на кислород. Некои мислеа дека се дома на топло и се соблекуваат и застануваа. Останаа таму за навек. Без храна, јадевме снег да ја згаснеме жедта. Од Прилеп беа Крсте Митрески – Господ, Гоце Бајрамо, Драган Максо, Тоде Ѓулпида, Стеве Богоројче, Тоде Шагуно, Коце Солунски и други на кои не им ги знам имињата – објаснува Чоноски, додавајќи дека покрај времето, биеле битки и со Бугарите кои ги следеле во чекор и ги напаѓале.

Во Егејска Македонија, мештаните ги пречекале како најдраги гости. Ги примиле во куќите, не штедејќи храна. При дефанзивниот марш партизаните убиле над 400 Германци и околу 500 Бугари.

– На 20 декември 1943 г. формирана е Втората македонска ударна бригада со командант Димче Туриманџоски – Горски. Во длабока закрила на планината Кожуф пристигна и Првата македонско – косовска ударна бригада под команда на Ѓуро Брајовиќ, а подоцна се приклучија и неколку партизански батаљони од Тиквешијата, заедно со целата бугарска бригада на Дичо Петров, кој ја смени страната и дојде кај партизаните. После се направи продор кон Вардарска Македонија – објаснува Чоноски.

Тој смета дека февруарскиот поход, иако дефанзивен, бил тактичен за да премине во офанзива до крајот на војната.

Преживеаните борци в недела ќе одат по истите стапки за да го одбележат датумот.    

Loading