ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО И МИНЕРАЛИТЕ ЌЕ СЕ ИСПРЕПЛЕТАТ

На повидок македонско – казахстанска бизнис соработка

– Бизнисмен од Казахстан заинтересиран за производството на Витаминка

– ИЗИС ќе изработува сеизмички карти за наредните 100 години

“Македонското стопанство има можности да се пробие во Казахстан, меѓутоа мора да се работи на рекламирање. Македонија има добри вина, но слаби реклами, нема бренд. Кашкавалот е единствен и нема бренд, затоа се потребни реклами. Не ги знам сите производи, но слушнав дека Словенија го присвои ајварот за свој производ. Производите мора да се заштитат. Најбитна е рекламата, оти пазарот е отворен, без граници. Иако Македонија не е во ЕУ, може да продава, но мора да покаже квалитет, кој би се одржувал”. 

Ова го изјави претставникот на стопанската комора на Казахстан за Средна Европа и екс-ЈУ републиките со македонско потекло, Бранко Станојковски, кој од кумановско заминал во Хрватска и веќе 40 години живее во Германија и соработува со стопанствениците од Казахстан.

Тој, со казахстанска делегација и со претставници од ИЗИС, беше гостин на  Витаминка.

Според него, казахстанците под водство на бизнисменот Семибаев Симбаев покажале интерес за соработка со Витаминка.

– Се воодушевија од автоматизацијата на погоните на Витаминка. Се интересираа за воспоставување деловни односи. Казахстанците се восхитени од земјоделството, особено производството на јаболка во Македонија. Соопштија дека земјиштето им е погодно за грав, шеќерна репка, сончоглед и постојат можности за вклучување во прехранбената индустрија. Инаку, се големи производители на најквалитетна пченка. За кратко време, се надевам ќе се детализираат заедничките интереси – вели  Станојковски.

Информира дека имал соработка со ИЗИС од Скопје, кој преку него реализира и подготвува нови проекти за трусниот Казахстан.

Во Германија има фирма за посредување, преку која македонските фирми можат да обезбедат работа за контингент од 580 работници, за градежништво, метали, електроиндустрија и други места, кој не е исполнет и може да се искористи.

Инаку, тој е дипломиран инженер за нафта, магистер за механика на карпи и се има спуштено најдлабоко во земја до 1930 метри.

Најави создавање на казахстанско – македонски конзорциум меѓу експерти од ИЗИС и Казахстан со потенцијален бизнис од 15 милиони евра.  Се подготвува договор за градот Алмата со кој ИЗИС ќе прави мини сеизмички карти за 100 годишен развој на градот. 

Loading