ТУТУНСКИ ПАК ГИ ОТВОРА ВРАТИТЕ ПОНЕДЕЛНИЧКИ

Во почетокот на идната недела Тутунскиот комбинат (ТК) ги отвора вратите за откуп на тутунот од ланската берба по неколкудневниот застој. Пари има за плаќање на веќе откупените количества, кои изнесуваат половина од планираните, а се обезбедени нови средства со кредит и за тутунарите кои допрва треба да го предадат родот.

Потврдата дојде од Александар Спиркоски, директорот на ДОЕЛ Тутун, по обвинувањата дека на ТК му е одземена лиценцата.

Според Спиркоски, нема место за стравување кај кооперантите дека нема да им биде откупен и исплатен тутунот, за кој склучиле договори.

Паралелно, потенцијалниот стратегиски партнер на ТК, тутунскиот гигант Филип Морис отвора канцеларија во земјава. Преку фирмата Филип Морис во Скопје, од крајот на декември бараат менаџери за дистрибуција, комерција, администрација, трговија и финансиски аналитичар со плати до 1000 евра бруто. Огласот трае до 20 јануари.

Се очекува овој месец да се официјализира договорот за стратешко партнерство меѓу Филип Морис и ТК. Деталите од договорот се чуваат во тајност.

Според генералниот директор на ТК, Александар Дерменџиев, готова е драфт верзијата на договорот. Тој очекува уште годинава ТК да оствари загуба, која нема да ја наруши ликвидноста, а веќе во 2015, да влезе во позитива.

Во ТК се ангажирани над 1100 работници, а доминантен сопственик е државата со над 80 отсто од капиталот. 

Loading