БЛЕСКА ВЛЕЗОТ НА ГРАДОТ КАЈ САЛИДА

Осветлен е влезот на градот кај хотелот Салида. Клучката на магистралниот пат кон Битола доби современо инфраструктурно осветлување кое е проект на Министерството за транспорт и врски. Инвестицијата е 5,8 милиони денари буџетски средства. Блесокот на влезот е иницијатива на локалните власти за зголемување на безбедноста, зашто речиси две децении приодот кон Прилеп од магистралниот пат беше многу ризичен ноќе за сите учесници во сообраќајот.

– Почнуваме со осветлување на клучката на влезот во Прилеп согласно програмата за раст на безбедноста во сообраќајот со осветлување на влезовите во поголемите градови. Во 2013 – та осветливме 20,5 километри автопатишта, магистрални патишта и клучки – изјави Љупчо Георгиевски, директор на Агенцијата за државни патишта.

Осветлувањето е енергетски ефикасно. Тоа значи дека ќе се штеди енергијата.

– Ќе се осовремени и овој влез, како оној од кај Плетвар, односно потегот од Лукоил до крстосницата Солидност. Ќе се реновира влезната улица од хотел Салида, па се до Чумовчани. И тој дел е порта, огледало,  на градот. За една година ќе се смени влезот и ќе се претвори во авенија, модерна, убаво уредена и сјајна со светилки – истакна градоначалникот Марјан Ристески.

На означувањето на завршните активности на поставувањето на новото модерно енергетско осветлување, покрај претседателот на Советот Никола Димески и претседателката на Унијата на жените на ВМРО – ДПМНЕ, Силвана Пашоска, присуствуваа и прилепските пратеници Панче Дамески, Ане Лашкоска и Димитар Стевананџија, кои секогаш имаат чувство да го слушнат гласот на народот и потребите на граѓаните. 

Loading