ВО ФАНАТСТИЧНИТЕ ДЕЛА ДИШЕ НЕГОВИОТ ВАРОШ

Копаничарот Ѓорѓи Царулески – Царуле (80) уште другарува со длетото

Иако го издава здравјето, а годините му натежнале, копаничарот Ѓорѓи Царулески – Царуле (80) се фаќа за длетото и твори. Особено после ручекот, наместо да се навали на перницата и мигне, одмор му е работата. Во тесниот простор на терасата, ќе го подготвува дрвото, ќе ги распостели алатите и ќе се втурне во творештво. Неговите мисли бродат во светот на фантазијата. Дрвената скулптура “Човечки костур од вселената” е стара 60 години. Друга фигура му се вика ,,Замислен старец,,. Ореовото дрво му е најчест материјал за ликовно изразување. Изработил многу фигури со лик на мајмуни и тоа од кокосови ореви. Тој е копаничар, цртач, сликар и вајар. Вљубеник е во фантастичните дела.

– Секое око различно гледа. Сум бил палаво дете. Ги пренесувам во дрвото сите тие будалаштини. Роден сум во Варош, Марковите кули, тие камења, ми даваат инспирација – објаснува Ѓорѓи Царулески – Царуле, копаничар.

Го инспирираат и камењата. Кога ќе најде варовници, особено од Зрзе, ги зема, интервенира, копа, ги лакира и се труди да произведе лик.

Работниот век му минал во Прилепската пиварница и во фабриката за бетонски столбови Карпош во Скопје. Не ја завршил резбарската школа во Охрид. Пензијата не му е доволна да врзе крај со крај, уште повеќе што живее во стан под кирија.

Не знае колку дела изработил. Само во станот има над 80 скулптури. Правел рамки за слики и огледала, рачки за врати, корнизи, ентериери во приватни куќи.

Круна му се двата иконостаса. Едниот е во црквата Св. Петка во Битола, а другиот во Св. Недела во Сирхан кај Отешево.

– Во Битоа иконостасот е 5 со 4 метри висина. Го изработив сам, за две ипол години, а во Отешево, за една година, оти е помал – вели Царулески.

Суров бил животот кон него, убав би бил, доколку би имал некој на кого можел да се потпре и го разбере. Порано продавал многу дела. Дури и во Канада.

– Задолжително за свадба, место да купат тенџере или пегла, на младенците им носеа фигури за подарок. Доаѓаа крем луѓе. Сега е намален интересот – објаснува Царулески.

Признава дека вредело во животот човек да биде уметник.

– Уметноста ти дава спокој, мирен живот. Во неа се вложуваш природно, со дарбата, плус ти дава мир. Нема депресија. Се внесуваш во делото. Порано можеше да се живее од уметност, но сега не. И повторно да се родам, ќе бидам уметник, но доколку растам во Варош, крај Марковите кули, зошто само тие ми даваат инспирација – вели Царулески.

Имал десетина групни и една, самостојна изложба во Прилеп.

Loading