БЕЛИЧКИОТ РАЈ

Најживописно населено место во поречкиот крај е селото Белица. Се стасува од Македонски Брод по асфалтниот пат од педесетина километри. По лаките на реката Треска, на вливот е акумулацијата Козјак. Тука реката Белица, чиста како солза, се дави во “големата вода”.

Природата се истурила во беличко. Некои велат дека е рај, македонскиот. Карпестите планини Даутица и Јакупица стрмно слегуваат до селото Белица со вечно богатите извори. Раскошната вегетација во клисурата служи за “плакнење” на очите. Природата ја параат неколку рибници за одгледување калифорниска пастрмка. Ама богатството за око не се предава, додека неуморната вода во реката се парчи по камењата низ врбјарниците… Дури и низ селото се делат изворчиња и поточиња. Старите беличани велат дека реката го добила името по белиот камен во коритото со бистра и кочан студена вода за пиење. Лете температурата не се качува повеќе од осум степени. Нозете се вкочануваат за пет минути.

Во селскиот амбиент на стари камени куќи еден староседелец со девет децении на грбот, раскажува дека селото некогаш било богато со добиток и воденици. Сите беличени ги викали луѓе од друга вера, оти биле необично добри. Затоа излегле многу учени луѓе. Се знаеле надалеку по мајсторилакот за мелење пченица. Доаѓале дури од Мијачијата да мелат на природно погодните воденички камења што давале најбело брашно без фира.

Покрај водата, беличко го красат десетина пештери.

-Истражувано е темното богатство на на утробата на планината, во пештерите Момичек, Голубарник, Лапарник… Спелеолози од земјава и странство често ги посетуваат темните ходници украсени со сталактити и сталагмити. Во пештерата Голубарник, спелеолозите откриле човечки череп. Не се знае вредноста на черепот, но децата се радуваа како да се пронашле коските од Исус. Пронајдени се и орудија од праисторијата. Државата уште мисли дали дали да ја прогласи месноста за споменик на природата, спелеолошки парк Белица – вели вели упатениот Беличанец.

Го пренесува преданието за пештерата Момичек.

-Од дедо прадедо сум слушал дека некоја мома, бегајќи од султанот, се фрлила во бездната. Бидејќи не и го знаеле името на момата, во нејзина чест жителите ја нарекле пештерата Момичек – кажува стариот што му пренесувале дедовците.

Последниве години Белица заживува. Отселените во Скопје, лете живеат на семејните огништа на своите предци. Зиме заминуваат. Помладите потомци, како дел од прилепското семејство Беличанец со корени од овој крај, пред десетина години се собраа да го наредат што побујно семејното стебло. Артистката Билјана Беличанец со својот сопруг подигнале дрвена викенд куќа на малата ада на Белица. Не се единствени.

Loading