800 БРОЕВИ, И ТОЛКУ ВРЕДНОСТИ

Во некои дамнешни времиња, кога ги организиравме манифестациите за избор на бизнис, спортист или пак за родендените на Зенит, гордо милувавме да се изразиме фигуративно, пред аудиториумот.

“Пред нас е 800 број на единствениот весник, и тоа неделник, во Прилеп. Тоа значи толку петоци, толку трајни вредности кои ќе останат забележани, и толку надежи дека сме успеале да опстоиме.”

Денес, кога го одбележуваме 16-тиот роденден, во едни поинакви и мошне специфични услови, би рекле 800 броеви и толку дилеми! До кога ќе успееме да опстоиме?

Во налетот на модерната технологија, печатеното издание само по себе е раритет. Никој во пелагонсикиот регион, не само што не издава весник, туку и го нема континуитетот од 16 години постоење. Колегите уште се чудат каде ја наоѓаме пирејската димензија, да се обидуваат да не уништат, а ние сепак да излегуваме.

Немањето поддршка е како обид за замолчување на мислата, згаснување на демократијата и правото да информираш, и бидеш информиран. Тешките удари доаѓаат од различни центри на моќ, кои наместо да препознаат развој на критичната мисла, се обидоа да не замолчат со откажување на претплата која некои други пред нив, ја востановиле и ја поддржувале, и вторите и третите, освен оние првите, со цел да се одржува неделниот весник кој е од прилепчани, за прилепчани. Иронијата да биде уште поголема, на одредени институции и установи им бил доволен, замислете само еден примерок, за да прават како во партизанското време – прочитај, и предади. А да не зборуваме за создавањето во тие образовни установи, расадник на идните новинари преку литературните и новинарските секции. Освен, со поддршка на неделникот со претплата на тиражот, помошта и сенсот на општестевно одговорните компании се сведува и на воспоставување на комерцијални односи. Со чест на неколкуте компании, бизнис “ветерот” го нема.

Нема да се откажеме. Во името на вистината, ја информираме јавноста за вкупните случувања. Да бидеме, гласник, регистар на случките, суптилен дневник на искрените лични приказни, спортски бележник и што ли уште не.

А она што не прави горди, е што сме критички и објективно настроени кон сé она што ги допира интересите на граѓаните и случувањата кои се врзани за нивниот џеб. Впрочем, како професионални новинари се придржуваме на основното новинарско правило, дека најдобрите новинари секогаш треба да бидат, опозиција на власта.

Loading