МЛАДОСТ 96 СЕ БОРИ ЗА ТРЕТАТА ТИТУЛА

Пинг-понг

Финалната серија од плејофот на Супер-лигата за добивање шампион на Македонија почнува в недела (17 ч.) во салата на ОУ “Добре Јованоски”. На мегдан се екипите Младост 96 и Крива Паланка. Прилепскиот тим ја брани титулата од лани и аспирира на третиот трофеј, оти беше шампион и во 2021 година. Меѓутоа, Крива Паланка ја почнува серијата со предност од 1:0, поради подобриот резултат во меѓусебните дуели во основниот дел на Супер-лигата. Ако Крива Паланка го добие мечот в недела, таа е нов шампион, а ако Младост 96 победи, ќе се игра уште еден меч, в понеделник во Крива Паланка.

Пресметката е меѓу големи мајстори на целулоидното топче. За Крива Паланка настапуваат повеќекратниот македонски првак Кристијан Станојковски, младинецот Александар Јакимовски и Србинот Ѓорѓе Петровиќ. За Младост 96 најавени се Србинот Ѓорѓе Борчиќ, Антонио Стомнароски, Андреј Лашкоски, Александар Рикалоски, Лука Огненоски, како и Петар Костовски, дојден од САД.

Loading