МИЛИОНИ БЕЗБЕДНИ КИЛОМЕТРИ СО ИЛЈАДНИЦИ ПАТНИЦИ

ЃУРО СИЛЈАНОСКИ – ВОЗАЧОТ НА АВТОБУС ВО ПЕНЗИЈА

Пензионерот Ѓуро Силјаноски скоро четири децении ја “газел” цела Европа со тркалата на автобусот. Ликот не му оддава дека веќе е 88 години. Зад воланот првпат седнал во 1965 година. Возел цели 38 години, до возраст на 65 години, до епилогот на големата љубов. Тој е среќен што без инциденти го минал возачкиот живот, иако бил полн со опасносите. Никогаш не ја изиграл безбедносната доверба на патниците.

Од млади години имал мерак да вози, особено автобус. Првин создал возачки стаж од пет години со камион, и се разбира Б категорија.

– Кога добил шанса, првин возел на приградски линии. Ми се оствари желбата. Знаев дека тоа носеше ризици, одговорност, оти се превезуваат педесетина патници. Никогаш не дозволив да се ставам животот на коцна на патниците. А се возеше за Скопје и низ цела Македонија. Потоа низ Југославија. Автобусите не беа како сега, софистицирани. Немаше навигација и ЏПС. Се возеше со карти, со предходно прашување и проучување каде треба да се заврти и да се погоди правилниот пат – кажува Силјаноски.

Вели дека возачи сега работат со над 65 години. Според него, тоа е опасно. Автобусот не е автомобил, со еден, двајца или тројца патници. Одговорноста е ептен голема, 50 души се внатре.

Не се сеќава колку илјади километри поминал со автобусот во Пелагонија транс.

– Не знам ниту каде сум бил низ Европа. Нема земја каде не сум возел, освен Русија и Скандинавија. Франција, Париз, четирипати, Англија на двапати… Убаво беше чувството пред воланот. Некои од помладите патници подвикнуваа – “Мајсторе, додај гас”. Сакале да стасаат побрзо. Тука се проценува карактерот на возачот. Нужно е чувството не само возачот, туку и на тој што бара побрзо да се вози. Треба да не се потклекнува на предизвиците, да се одолее на повиците, зашто одговорноста е голема. Воодушевувачки е кога се возат групи, како што бевме десет дена во Англија со играорците од КУД “Мирче Ацев”. Со песна врвеше патот  Имаше и забелешки. Се бара да се пушти посилан радиото, без да се води сметка дали тоа му пречи на некој друг, па и на возачот кој може да ја намали концентрацијата при управувањето на автобусот. Возачот треба да е смирен, да не го поведе музиката, да не се воодушевува и да ги крене рацете и да го пушти воланот. Мора да се биде присебен со висок степен на толеранција, без нервоза – порачува Силјаноски.

Смета дека е напорена возачката работа. Нужни се внимателност и претпазливост, затоа што му е доверена безбедноста на педесетина луѓе. Затоа, и сега, кога ќе го сретнат некои возрасни сограѓани, го поздравуваат, а тој не знае кои се од илјадниците кои ги возел на милиони километри. Препорачува дефанзивно возење, почитување на сообраќајните прописи и условите на патиштата.                   

Loading