ПРВ МАНАСТИР СО ИМЕТО СВЕТИ ВАСИЛИЈ ОСТРОШКИ

ВО  СЕЛОТО ЧУМОВО

На празникот Томина недела и Василиј Острошки – чудотворец, една недела по Велигден, стотици поранешни жители на селото Чумово и нивните потомци го посетија параклисот посветен на Свети  Василиј Острошки на височинката во месноста Табаница над селото. Според староседелците, неколкумина верници лани изградиле параклис, а годинава одржаа голема средба со чиста христијанска верба дека со Божја помош и волја ќе кренат прв манастир во Македонија, посветен на чудотворецот  Василиј Острошки. Се организира големата веселба. Се растегна долго македонско оро. Организаторите поканиле свештеник да одржи боженствена литургија. Се избра нов домаќин за в година. Верниците широкоградо ја поддржаа иницијативата и најавија многу донации за градба на манастирскиот дом.

Малкуте останати Чумовчани отсекогаш наоѓале остатоци од гробови, керамички садови, вршници од некогашна ранохристијанска базилика во околината. Се шири легенда дека Турците тука го закопувале украденото злато. Затоа се видливи остатоците од ископувањата на “ловците на злато”. Но, тоа било само приказна за лесноверните, диви копачи по мистериозни блага, кои сакале на лесен начин да се збогатат преку ноќ.

Во Чумово сега имаат топол дом околу триесетина жители. Повеќето иселени лете одгледуваат лозја, пчели и други градинарски култури на дедовите ниви. Неколку семејства од Мариово свиле семејно гнездо. Живеат од сточарство, од одгледување на овци. Легендата за селото оддалечено 12 км. од Прилеп, во пазувите на Селечка Планина со соседните села Прилепец, Штавица, Волково, Мало Рувци и Старо Лагово, вели дека некогаш селото го носело името Мало молци. Било на 500 метри југозападно од денешното, во месноста Лозишта и Корија. Фатила неизлечивата болест, чума, и луѓето се изгубиле и изумреле. Чумата “убила” околу 90 млади моми, невести. Заразата не ги штедела и момците. По ова, на сегашното место, се населиле и дошле нови фамилии од други околни села. Како што доаѓале, се нарекувале според семејства. Постар род дошол од селото Пашино Рувци. Се памети дедото Коте од кој потоа било наречено и целото село Бабковци, оти еден од постарите мажи имал бапка на главата. Познати се и родовите сега иселени, Апостоловци, Трифуновци, Писоклаци…

Селото било двапати запалено од Турците. Во долниот дел е чешмата Шопур, со чуден “табиет”. Престанува да течи секои две-три години, пресушува, и пак гасни жед по неколку лета, независно од временските прилики.

Loading