ОСОВРЕМЕНУВАЊЕ И ЗБОГАТУВАЊЕ НА МУЗЕЈОТ ЗА ТУТУН

Од лани во Музејот за тутун се осовременува и се збогатува постојаната поставка. Дел е финансиран од Министерството за култура и дел од Институтот за тутун. Модернизирањето ќе трае 4 години.

Постојаната поставка треба да добие поинаква форма на презентација, ќе се вградат новите трендови во музеологијата, попластично и повпечатливо да се презентира збирката.

– Ќе се инсталира иновативен аспект. Изработени се профилирани постаменти. Секој експонат ќе има свое место. Легендите се напечатени и поставени во витрините во современ графички интерфејс – вели Александар Цветкоски, кустос советник.

Преформатирани се 5 витрини според креации на Заводот и музеј. Осветлувањето е сменето со поефикасно и поекономично кое троши помалку струја и нема штетни последици по експонатите. Изготвен е проект за систем за осветлување, во случај на исклучување на струјата, кој ќе се напојува од сопствени фотоволтаици. За нив ќе се аплицира до странски донатор.

– Обемниот напор носи радост на сите. Поставени се уште неколку витрини за новите 130 експонати. И за нив има приказни, поврзани со уживањето на тутунот, но и психотропните супстанци, потенцирајќи ја општата приказна за дрогирањето дека “секогаш имало губитници”. Некои од експонатите се мошне ретки. Ги има само по неколку примероци на светот, како што е колекционерскиот тутунски албум за сликички од цветови, или наргилата, ацетиленската ламба, со која се пресечени решетките во затворот во Нова Пазова. Голем број од експонатите се реставрирани, залепени, реконструирани се деловите, а на некои е извршена сериозна конзерваторска интервенција со ангажиран конзерватор – советник. Затоа што “болестите на експонатите” можат лесно да се уништат до непрепознатливост – додава Цветкоски.

Се негува надеж дека годинава проектот ќе биде финансиран од Министерството за култура и да продолжи разубавувањето на постојаната поставка.

Се планира место во градот да биде сместена дел од постојаната поставка, наменет за класична туристичка посета. Поисплатливо и поефикасно е ако се развива на старата локација, која е заштитена и физички, со стражарска служба и со аларм и видео надзор.

– Пристапивме со план за осовременување на локацијата. Ќе бидат изготвени и други проекти, како за кашираните фотографии, оригиналните графики, уметничките постери и подотовка на пристап на лица со посебни потреби – потенцира кустосот.

Музејот за тутун лани одбележа 50 години од формирањето во 1973 година и 30 години од отворањето на постојаната поставка, која брои над 5000 експонати, од кои се изложени скоро 1600.

-Вредни се околу 1700 експонати, а кои не се производи на тутунската индустрија. Маана е што нема само неколку вида експонати, што не е многу, ако се земе целиот дијапазон на тутунски експонати. Задачи за оваа и за следните години е да се најде начин да се откупат неколку мошне скапи експонати, кои го заслужуваат местото во збирката. Поставката има кредибилен заменски кустос, кој потполно самостојно ја води музејската документација – додава Цветкоски.

Планирано е годинава, кога ќе се одбележи јубилејот на Институтот за тутун, да се стави и поголем акцент на Музејот за тутун.

Loading