УРОЛОШКА ГРИЖА ЗА МАШКО И ЖЕНСКО ЗДРАВЈЕ

д-р Весна Пејчиновска Ристеска, специјалист по уролошка хирургија

Во прилепската болница, една година во одделот урологија, работи д -р Весна Пејчиновска Ристеска, специјалист по уролошка хирургија. Таа, заедно со колегите секојдневно детално, прецизно и точно вршат дијагностицирање и третирање на пациентите со проблем на уринарниот тракт преку современи методи и начини. Ценета меѓу своите колеги, Пејчиновска Ристеска одговорно и професионално приоѓа на професијата, а довербата постојано и расте. Патува секој ден од Битола. Открива дека преку грижата за уринарниот систем, особено со превентивните прегледи кај мажите, може да се дознае дали постои опасност од карцином на простатата или тестисите, но и дека информираноста само придонесува за подобрување на здравјето.

– Откако ќе дојде пациентот на уролошки преглед, се прави лабораториско испитување со тумор маркер, ехо, потоа се прави компјутерска томографија или магнетна резонанца. Во зависност од резултатите се продолжува со третманот – вели д-р Пејчиновска Ристеска.

На уролошкото одделние во болницата, уролозите се специјализирани за третман на болести и состојби кои влијаат на уринарниот систем, мочниот меур и бубрезите. Ги вршат сите операции.

– Широка е патологијата. Ги изведуваме сите интервенции, прегледи, цистоскопија, биопсии, операции на уринарен тракт. Урологот не е доктор само за мажи, туку за сите. Освен што располагаме со ехо, имаме цистоскоп со кој се влегува во внатрешноста на мочниот меур. Земаме биопсии од простата, ги праќаме во болничката лабораторија за патологија и за два-три дена, најмногу за една седмица имаме резултат според кој се оди понатаму. Вршиме целосно вадење на простата, оперираме циста на бубрег, трансуретрална ресекција на мочен меур односно ако има карцинот се сече само тој дел, што значи се работат  сите хируршки интервенции – објаснува д-р Пејчиновска Ристеска.

Потенцира дека превенцијата е најважна во медицината. Да не се земаат лекови на своја рака. Потребна е грижа за уреден уринарен тракт.

– Да се избегнат инфекциите на уринарниот тракт, како и за превенција од болестите на простатата, се советува да се пие доволно вода, да се консумираат течности, но не алкохол и газирани пијалоци, да се избегнува лута храна и да не се пушат цигари – вели д-р Пејчиновска Ристеска.

Доколку мажот е постар од 40 години, не мора да има симптоми да појде на преглед на уролог. Мажите, за разлика од жените, многу потешко и поретко одат на лекар, особено на превентивни прегледи со кои навремено може да се открие заболување, па дури и рак на простата. Еден преглед може да спаси живот.

– Симптомите кои укажуваат на тоа дека постои проблем во уринарниот тракт се повторлива потреба за мокрење, чувство на печење или болка, потешкотии, слаб проток на урина. Доколку мажот ги има овие симптоми, задолжително треба да посети уролог. Опериравме рак на простата кај пациент на 45 годишна возарст – вели специјалистот.

Најзастапени се возрасните пациенти од 60-70 години на кои задолжително им правата ехо преглед и лабораториско испитување за да продолжат со хроничната терапија. Жените најчесто имале потешкотии со задржување на мокрачата или со спуштена бешика. Кај малите деца третираат неспуштени тестиси над три годишна возраст и фимози, односно народски кажано сунет, затоа што сега родителите сакаат да избегнат ризик од адетот кој во домашни услови е без анестезија. Во прилепската болница сега доаѓале на преглед и битолчани, за разлика од порано кога беше обратно.

Дневно имаат 50 амбулантски прегледи кои чинат 150 денари со партиципација, а работното време е од 8 до 14.30 часот.

Уролог во женска облека

После 10 години работа како матичен лекар, на огласот за специјализација во прилепската болница избрала општа хирургија, гинекологија и урологија. Ја примиле на урологија. Ја сака професијата. Немала непријатно искуство, туку напротив пациентите и веруваат.

– Шест години траеше специјализацијата. Една година работам како специјалист по уролошка хирургија. Не гледам на тоа дека треба да има разлика дали урологот е жена или маж во поглед на пациентите. Тоа е професија, како и секоја друга – вели д-р Пејчиновска Ристеска.

Возењето на велосипед е ризично

– Долготрајното и често возење на велосипед е ризично за простатата. Тоа не важи за современите велосипеди кои имаат специјални седишта и за лицата кои користат опрема. Прилепчани предничат во болестите со простатата во државава – вели д-р Пејчиновска – Ристеска.

Останува ректалниот преглед

– Ректалното туше или преглед преку анусот е прв избор и мора да се направи. Ако пациентот одбива, користиме ехо, компјутер, магнетна резонанца. И биопсијата се прави преку ректум со локална анестезија, со ехо и со специјална сонда се стигнува до просатата. Прегледите не се болни и се подносливи. И гинеколошките прегледи се непријатни – вели д-р Пејчиновска – Ристеска.

Третирање на машката неплодност

– Кај мажите правиме спермограм, спермо култура и ги прегледуваме тестисите на ехо апарат. Потоа, брачната двојка се упатува на гинеколог за понатамошно третирање на брачната неплодност. Може да им помогнеме на пациентите со проблем во сексуалното здравје – вели д-р Пејчиновска – Ристеска.

Налик на костен

Простатата е машки репродуктивен орган кој произведува течност односно секрет, таканаречен простатичен секрет, која ги транспортира сперматозоидите за време на ејакулацијата. Тоа е во корелација со тестисите, епидидимисот, семените везикули и семените канали. Се наоѓа меѓу мочниот меур и пред дебелото црево – ректумот. Однадвор наликува на костен. Максималниот тродимензионален дијаметар е од 3-5 сантиметри. Тежи 15-22 гр. Во средината на простатата минува уретрата низ која поминува урината и се испразнува мочниот меур. Болести на простатата се: бенигната хиперплазија на простата (БПХ), воспаленијата – простатитот како и малигните заболувања (аденокарцином, сарком). Нејзината нормална функција зависи од машките полови хормони, особено од тестостеронот. Бенигната хиперплазија на простатата не само што го нарушува нормалното темпо на живеење, зашто мажите имаат проблем со мокрењето, туку и влијае на нивниот сексуален живот.

Loading