ДАНИЕЛ МЕЛВИЛ – МАКЕДОНСКА РАПСОДИЈА 10

Ми се стори дека поспав одвај неколку минути, кога ја чув Сигрид како ме вика по својот обичај Херман, наместо моето македонско име Герман:

– Херман! Херман!

Ја осетив нејзината рака како полека ми го стега левото рамо.

– Што има?

– Слушај!

Ја насетував повеќе отколку што ја гледав во темнината, при подигнато десно лакто, целата бела и вслушана во нешто.

И без многу да ги острев ушите, чув пеколен концерт од грачења на гаврани околу куќата. На моменти грачењата се оддалечуваа и пак се приближуваа. Чудни птици, и чудна ноќ!

– Ќе истепам неколку, реков земајќи ја во рацете пушката.

– Не, нема да излезеш, викна Сигрид со заповеднички тон каков што никогаш не употребила спрема мене.

Се поколебав малку, па ја оставив пушката и пак легнав. Сигрид стана и во темнината, и покрај тоа што кепенците беа затворени, го затвори и прозорецот. Легна до мене, ми ја зеде раката со своите две раце, ми ја стегна и погодував дека го слуша грачењето на гавраните, позадушно заради затворениот прозорец, сепак сосема јасно.

Кога се разбудив следното утро, недела, Сигрид не беше во собата. Ја сретнав пред куќата како гледаше по небото и по дрвјата, но никаде немаше ниту еден гавран. Кога ме виде, рече:

– Го фрлив, а пластичното кесе го изгорев.

– А, штета, ќе сакав да ја видам од поблиску таа машина.

– Не, Херман, нешто во мене ми вели дека е подобро да не се има никаква работа со сето тоа. Затоа и го изгорев кесето.

– Добро-де, што си се исплашила толку!? Ами јас зошто сум овде, ќе те бранам.

– Не знам. Имам некое лошо чувство.

Таа ноќ на неделата спроти понеделникот, жена ми пак ме разбуди:

– Херман! Херман!

– Да. Што има уште?

– Се вратија.

– Кој се врати?

– Гарваните. Некаде се накај замокот.

Навистина, од таа насока се слушаа бројни грачења. Потоа шумата се исполни со светлина и со мирис на пожар (следниот ден дознавме дека за среќа немало мртви, ниту тешко рането). Замокот од Фердинанд фон унд цу Хикс гореше и изгоре до темелите. Никакво објаснение за пожарот. Истрагата не најде ништо, туку направи само претпоставки.

Сигрид ме спречи да појдам да помагам при гаснењето на пожарот. Со телото ми се испречи пред вратата од спалната:

– Не, не треба да излезеш.

Ми светна една идеја во главата:

– Сигрид…

– Да?

– Каде го фрли гавранот?

Ми одговори колебливо:

– Знаеш, сакав прво да го закопам во шумата, ама доста далеку од нашава фарма. Ја носев нашата мала лопата – мотика за кампинг.

– Да, и после?

– Бев блиску до замокот, кога повеќе гарвани летаа таму како да бараа нешто на земјата. Се исплашив, го испразнив кесето од гарванот и, криејќи се под дрвјата се вратив. Веднаш го изгорев пластичното кесе.

Тогаш реков нешто, без да знам како таа мисла ми дошла во главата:

– Значи тие го нашле нивниот другар близу до замокот и, мислејќи дека бил уништен од некои од луѓето од замокот, го потпалиле да се одмаздат!

Таа ноќ Сигрид и јас ја минавме будни. Ги слушавме гарваните, го гледавме одблесокот од пожарот и вревата на луѓето. Следниот ден, а и долго време потоа, не се виде ниту еден сомнителен гарван околу.

Сега, ќе речам дека никој не дошол да зборува за гарвани!

продлжува

Loading