ЦРВИ ЌЕ МЕ ИЗЕДАТ, БАРАМ СЕКАКВО ЧАРЕ

Љубомир Талески (60) од Сенокос, со рани на телото, моли за помош

Секаква помош бара и се моли за спас Љубомир Талески (60) од селото Сенокос кој има рани по телото. Бара лекување доколку е можно, институционално згрижување, храна, струја, хуманост и грижа од државата и граѓаните. Тврди дека не знае каква болест има, а не знаеле и лекарите што му е, но веќе една деценија рани му се јавуваат по телото, а црвите на главата ќе му го изедат и мозокот. Иако деновиве бил посетен од екипи од Брзата помош и од Центарот за социјални работи, се чувствува безнадежно, затоа што лекувањето е невозможно бидејќи му е слаба крвта, а финансиската помош е без ефект затоа што му е блокирана трансакциската сметка заради неплатени долгови за струја и вода. Со солзи во очите и со рани на телото, моли за спас од болките и немаштијата.

-Некни дворот се наполни со доктори, сестри, возила повеќе отколку што има во цела болница. Дојдоа и од социјалните грижи. Но што ако. Раните тешко се лечат, а пари на сметка за помош, иако имам решение, не може да пристигнат бидејќи сум блокиран заради стари давачки. Дојдоа, ме видоа, ќе ми помогнеле колку што можеле, ама маката е само моја – објаснува Љубомир Талески (60) од Сенокос кој има красти по телото.

Неговата мака започнала уште пред 10 години кога за прв пат му се јавиле проблемите на кожата. Тогаш одел во Скопје на Клиниката за пластична хирургија каде му ги чистеле раните. Но состојбата сега му се влошила особено последнава година.

-Многу ми е слаба крвта и никој не се нафаќа да ме лекува. Не знам ниту јас, ниту пак докторите кажуваат каква болест имам. Одам во Интерно одделение во Прилеп каде ми ги зачистуваа раните. Сега треба да примам и крв, ама многу ми е тешко и ме болат раните. Имам под слабините, на грбот, а во главата мислам дека црвите ќе ми го изедат и мозокот. Видот ми е добар, ама од раните на очите не можам да гледам. Не можам, ниту да станувам, а камо ли пак да работам. Барам спас, чаре било какво –  вели Љубомир.

Лежи постојано, станувал само за тоалет, никаде не излегува. Сопругата и синот кој одел говедар и овчар, го имаат главниот терет во домаќинството во кое ги нема основните услови за живот. Маката за опстанок е еднакво голема колку и таа за спас на животот.

-Не можам да станувам, а камо ли да работам. Кој е тој што сака помош. Ми треба секаква помош. Да ме куртулат од болките од раните. Немам пари да отидам ниту во Прилеп, ниту во Скопје да се лекувам. Повеќе вака не се издржува. Ниту тутунот, ниту бавчата се сторија. Тешко мене и на сопругата и детето кое оди да работи секаде за денар плус. Барам спас за мене и моето семејство – вели Љубомир.

Освен во преземените здравствени и социјални мерки, се надева и на хуманоста на  граѓаните со било каква помош.    

Loading