ПОВЕЌЕ ОД 20  ЕКСКУРЗИИ ЗА ПЕНЗИОНЕРИТЕ

Преку комисијата за одмор и рекреација на прилепското здружение на пензионерите, членството ќе се дружи, ќе патува, ќе открива, ќе се рекреира на 20 екскурзии годинава. Ова го говори претседателот на комисијата Илија Зајкоски.

– Покрај редовните екскурзии на Здружението, дестинациите се избираат во разграноците. Повеќето се еднодневни, како за познатите историски и  црковно-културни споменици и излетнички места во Македонија. Една имавме  во Србија. Последна беше до манастирот Св. Троица во селото Скачковце – Кумановско и Лесновскиот манастир. Се патува со по три автобуси од сите разграноци, а пензионерите плаќаат само по 200 денари. За во странство само по 400 денари. За 370 пензионери организиравме пикник до манастирот во селото Беловодица. Здружението ги покри сите трошоци од превоз, ручек, музика… – вели Зајкоски.

Пензионери од градов беа и во Ораовица – Радовишко, па Смилевскиот манастир и манастирот Богородица во Кичевско, Врање и манастирот Св. Прохор Пчињски.

– Се подготвуваат списоците на 60 пензионери да одмораат на брегот од Охридското Езеро. Здружението го плаќа превозот. Наесен ќе има уште еден пензионерски пикник во манастирот Св. Ѓорѓи во селото Пашино Рувци. Пензионерското дружење ќе го збогатиме со присуство на “колеги” од Демир Хисар, Крушево, Ресен, Битола и Кавадарци – додава Зајкоски.

Пензионерите секој месец одделуваат по 30 денари, од кои 27,5 денари за Здружението и 2,5 денари за Сојузот на пензионери на Македонија.

Здружението одржува и опремува тринаесеттината клубови. Ги следи активносите на пензионерските културноуметнички друштва и ги покрива трошоците за културните и спортските манифестации на пензионерите.

Во прилепско има околу 15000 пензионери, кои од овие средства добиваат финансиска помош за бањско лекување, а послабо ситуираните ваучери од по илјада денари за Велигден и пред секоја Нова година.

Протест

Неколку десетици пензионери протесираат со марш низ градов и со барање за линеарно зголемување на најниските пензии. Незадоволството го предизвика одлуката за зголемување на пензиите само за 6 отсто од септември. Тие сметаат дека разликите се големи, а пензионерите со ниски примања треба да добијат пораст, линеарно, по 3500 денари.

Loading