ХАЛШТАТ – ГРАД ОД БАЈКИТЕ ВО АВСТРИЈА

Опкружен со Алпите, на брегот на истоименото езеро, на северот од Австрија се наоѓа малиот град Халштат. Град од бајките, барем според тоа што се опишува во туристичките понуди. Постојано живеат околу 900 жители, а кога ќе влезете ќе ви се причини дека музиката од некој цртан филм ќе засвири секој миг. Плени на првиот поглед со убавата архитектура, кафеаните. Но, домаќините се многу крути и не баш гостољубиви. Природата била дарежлива. На секој чекор има поглед за овековечување. Рај за фотографи.     

Во убав мајски ден првин со жичарницата се искачивме на видиковецот Велтербелбик познат и под името Скаиволк. Се наоѓа на местото на некогашната тврдина за одбрана на најстариот рудник за сол. Сега е ресторан. Оттука се нуди фантастичен поглед на Халштат, но и на околните предели. Неколку километри потаму е рудникот за сол, стар 7000 години. Дел од него е музеј, за чија посета се потребни време и пари. И адекватна облека. Таму се ужива, ама времето брзо минува. Кога ќе се погледни часовникот, минале повеќе од час ипол. Време е за назад, да се прошета низ убавото мало гратче.

Халштат се изградил поради рудникот за сол, кој е активен и ден денес. Во продавницата долу можете да се купи сол, но и сувенири. Од 1997 година гратчето е запишан во светското културно наследство на УНЕСКО. Предизвикува интерес кај бројните туристи. Затоа управата смислила пријавување за влез на градот.

Мирно и идилично место е Халштат. На одредени куќи пишува “приватен имот, наш дом, а не музеј”, покажувајќи дека не е дозволено влегување  без повик во дворот.

Што да се посети во Халштат? Бидејќи е мало место разгледувањето брзо оди. Мали, тесни уличиња покрај езерото, куќите, разновидни во боја, една до друга. Постарите се изградени од дрво, некои се обновени по пожар што го зафатило местото во 1750 г. во комбинација дрво и камен. Секоја куќа е украсена со цвеќиња и со многу различни детали, како повеќето делови на Австрија. Тука се и двете цркви. Атрактивен е и музејот најголемата уметничка колекција. Најголем дел од времето се минува на главниот плоштад, што го красат уредени куќи и споменикот на светото тројство.

Уживање претставува прошетката крај езерото долго 5,9 километри, 2,3 метри широко. Длабочината достигнува 125 метри. Со пловидба се добива поубавиот поглед на градот, во зависност од расположливото време. Така, брзо, неосетно, минува денот. Време е да се заминува кога се враќаат импресиите дека Халштат е шармантен и фотогеничен и ќе посакате пак да го видите.

Фото и текст Каролина Мицевска

Loading