ВТОРПАТ ШАМПИОНИ!

Пинг-понг

Титулата државен екипен шампион на Македонија во пинг-понг е за Младост 96. Прилепскиот тим до успехот стигна по куса постапка – победи на двата меча од финалето на плеј-офот, против скопскиот Телеком нец 2. Прво дома резултатот беше 4:1, каде две партии доби Србинот Ѓорѓе Борчиќ, по една Петар Костовски и Антонио Стомнароски. На реваншот во Скопје победата е со 4:3, а Борчиќ пак доби две партии, една Костовски, додека четвртата ја освоија двајцата, во игра на двојки. Ова е втора титула за Младост 96. Првата беше пред две години, кога во финалето од плеј-офот го совлада градскиот ривал Младост, освојувач на три титули.

Успехот е колективен – на играчите, Ѓорѓе Борчиќ, Петар Костовски, Антонио Стомнароски, Андреј Лашкоски, како и на отсутните во финалето, Александар Рикалоски и Раиф Рустемовски, на тренерот Гоце Тошески и Управниот одбор предводен од Марјан Матракоски и Златко Рикалоски.

Два суперлигаша и прволигаш

Прилеп го враќа епитетот најпингпонгарски град. Во следната сезона, покрај шампионот Младост 96, во Супер лигата ќе биде и Младост, седмопласираниот во претходното првенство, победник во бараж-мечот за опстанок, над скопскиот Телеком нец. Во Првата лига учесник ќе биде Прилеп, првопласираниот во Втората лига.

Во системот натпревари е и женскиот тим Младост 96.

Loading