ЕЛЕНА ЧАГОРОСКА – „ОД МОЈАТА РИЗНИЦА СО ЉУБОВ“

Изложба

Прва самостојна изложба насловена “Од мојата ризница со љубов” со 49 дела на историчарот на уметност и ликовен уметник Елена Чагороска ќе биде отворена вечерва од 19.30 часот во Ликовната галерија од ЦК “Марко Цепенков”. Делата се со автентичната ликовна експресија.

Според историчарот на уметност Викторија Димеска, Чагороска се одликува со креативна, разиграна колоритност и непресушна и неисцрпна имагинација.    

– Таа експериментира со разни техники и со разиграна имплементација ја доловува својата ризница. Постојаната инспирација и длабоката фантазија ја соединуваат со уметноста и ја водат кон нови подвизи и експресии на уметничкото платно. Слоевитите и разнобојни “мачкања” дополнително ја истакнуваат хармонијата меѓу уметноста и енергичниот дух. Со примената на богатите текстури, се раскршува монотнијата, создавајќи контраст и игра меѓу дводимензионалноста и тридимензионалната рамнина на платното. Дијалозите меѓу ликовните елементи и акцентираните контрасти ја обликуваат вкупната нарација во сложените композиции. “Ризницата со љубов” ја сочинуваат 49 дела во акрил и комбинирана техника – вели Димеска.

Елена Чагороска дипломира на Филозофскиот факултет, историја на уметност со археологија. Од студентските денови објавува статии за уметноста и археологијата во весниците. Од 1980 година работи во Државен архив во Прилеп. Пишува и ликовна критика и отвора самостојни и групни изложби. Активно пишува во тогашниот неделник “Народен глас” а потоа во списанието “Деница”.

Автор е на повеќе трудови од ликовната уметност. Како ликовен уметник, твори од 1980 година со учество на групни изложби на ДЛУП и ДЛУМ и на сликарски колонии.

Loading