ЈАЗИКОТ СЕ БРАНИ СО ЈАЗИКОТ

Маратонски преговори со Бугарија. Работите се менуваат со голема брзина. Можеби темата да пишуваме нема да биде актуелна кога написов ќе излезе од печат. Но, нема да ја намали актуелноста на грешките, за кои пишуваме.

Имало француски предлог за решавање на проблемот со Бугарија. Иако нашата влада уште не го добила официјалниот текст (барем така велат), сепак невозможно е да не прострујат информации. Според нив, таканаречениот француски предлог бил во корист на Бугарија. Немало досега полош предлог. Загрозен бил јазикот и идентитетот. Реакции многу. Жестоки! Се јавуваат видни личности, интелектуалци, со свои ставови и искажувања. Најмногу реагираат за јазикот.

Еве го првото искажување што го слушнавме: “Нашите политичари треба да се одважат и да реагираат” . Да се ОДВАЖАТ! Зошто не вели да решат, да се осмелат, да се дрзнат или којзнае уште како? Зошто го одбра зборот што не е наш. Нели јазикот е во прашање? Во кој речник го најде тој збор. Во нашиот јазик тој не значи ништо. Евентуално, може да се рече, ако некој бил важен, па се одважил, или на пример ако некој бил женет па се одженил и слично. Можни се такви варијанти. Инаку, придавката ОДВАЖЕН ја нема, не нашла место во нашиот јазик. Ја има во српскиот, во рускиот, а коренот и е во старословенскиот јазик. Значењето и е – смел, храбар, решителен. Ние често го слушаме без потреба. Ете, извесниот господин, инетелектуалец, позната личност, го одбрал тој немакедонски збор да го брани македонскиот јазик.

Истиот ден слушнавме и втората реакција. И овојпат од позната личност, високопозиционирана госпоѓа. И таа револтирана од францускиот предлог. И со право. Го делиме нејзиното мислење и нејзиниот револт. Но таа создава друг револт, за употребата на погрешни зборови. Госпоѓата вели дека предлогот задира во нашиот јазик и во нашиот идентитет. ЗАДИРА! Госпоѓо, барем кога го браниме јазикот треба да избираме зборови. Што значи глаголот ЗАДИРА? Зошто без да размислувате, го земате од српскиот јазик. Тој произлегува од глаголот “дирати”. А кај нас, зборот ЗАДИРА (се) значи “се задева”. Некој (обично дете) многу ако се задева (се задира) ќе го наречат “задрогаз”.  Сте ги чуле сигурно ваквите зборови. И вие, кога го браните јазикот, македонскиот јазик, нашиот јазик, немојте да користите туѓи зборови, овојпат српски. Имаме наши. Доволно.

Извесен наш политичар, се јавува од Брисел. Од Советот на Европа. Кажа дека предлогот на Макрон е од лош, полош. И тој задирал во нашиот јазик и во нашиот идентитет. Се прашуваме, зошто и тој, како и многу други го користат овој збор.

Темава, францускиот предолг, стана мошне актуелна и има искажувања од многу страни. Се разбира, и грешки од многу страни.

Радио Скопје. Новинарката најавува разговор со поранешен амбасадор. Го бара неговото мислење за предлогот. Се разбира, ваквиот предлог делува шокантно. Тој е можеби најлош од сите досегашни. Реакциите се оправдани и очекувани.

Новинарката поставува прашања и добива одговори. Изнесува и свое мислење. И ако се вели дека официјалниот текст на предлогот не е пристигнат во нашата Влада, сепак, суштината се знае. Не можеме точно да го цитираме коментарот на новинарката за некакво писмо. Запаметивме само дека вели “пропратно писмо”. Уште не сфатија голем број од нашиве луѓе дека глаголот “прати” во нашиот јазик има сосема поинакво значење: прати писмо, прати порака и слично. Писмото за кое зборува новинарката е ПРИДРУЖНО, а не ПРОПРАТНО. Српскиот глагол “пратити” кај нас се преведува на два начина: првиот начин е “следи” (студентот ја следи наставата) и вториот е “придружува” (оркестарот го придружува пејачот). А еве и односното писмо ќе биде ПРИДРУЖНО, а не ПРОПРАТНО.

Јазикот се брани со јазикот, нели ?!

Loading