ОХ, МОРИ МАЈКО!

Подолго време траат протестите против фамозниот “Француски предлог”. Гледаме дека протестантите носат знамиња, транспаренти и, се разбира, голем транспарент на чело на групата. Досега не сме обрнале некое посебно внимание на натписот. Ни падна в очи тоа. На транспарентот  пишува: УЛТИМАТУМ, НЕ БЛАГОДАРАМ. Зборчето “не” е напишано со големи букви. Тоа, сепак не значи ништо, односно не ја анулира грешката, смислата на целиот транспарент. Се разбира, во ваквите ситуации благодарноста е повеќе во иронична смисла. Тоа би значело, дека ете, вие нешто предлагате, но ние ви благодариме не го прифаќаме тоа. А што значи она што е напишано на самиот транспарент. Дали значи дека тоа е ултиматум и ние ви благодариме и не го прифаќаме. Не, не значи тоа како што е напишано. Би значело дека ние не ви благодариме. Зар баш никому не му паднало в очи тоа. Гледате ли какво огромно значење има запирката во одредени случаи. Смислата на транспарентот, па дури и на самиот протест е: УЛТИМАТУМ! НЕ, БЛАГОДАРАМ. Може и поинаку. Може: УЛТИМАТУМ НЕ! БЛАГОДАРАМ! Може и: УЛТИМАТУМ – НЕ, БЛАГОДАРАМ. Може, се разбира и поинаку. Вака како што е напишано УЛТИМАТУМ, НЕ БЛАГОДАРАМ значи не ви благодарам. По зборчето “не” неопходно е да има запирка. Во ваквата ситуација запирката (ајде да не велиме неписменоста) создава забуна. Без разлика е напишано со големи букви зборчето “не”, тоа никако не ја менува ситуацијата. Затоа нашиот издив “ох, мори мајко”, излегува спонтано и ненамерно од нашите гради. Па нели го браниме идентитетот? Нели го браниме јазикот? Со кој, со каков јазик го правиме тоа? Сме пишувале и за многу други погрешни зборови со кои го браниме својот јазик. Ете што може да направи една запирка, невнимание или најточно, едно незнаење.

Ни се наметнува споредба на овој случај со моментот кога Христос е распнат на крстот. Распнати се тогаш и двајца разбојници. На едниот Христос му вели: “Ти ветувам, денес ќе бидеш со мене во рајот”. Не ни се многу јасни детално тие настани, но сме сретнале поинакво толкување. Христос во тој ден не се наоѓа во рајот, нема ни да биде таму, затоа не може да рече “Денес ќе бидеш со мене во рајот”. Тој уште не е вознесен. Толкувањето што сме го сретнале вели дека е направена интерпункциска грешка при преводот на Библијата. Според тоа толкување реченицата треба да гласи: “Ти веќавам денес, ќе бидеш со мене во рајот”. Значи, веќава денес, тој ден се врши веќавањето, а не одењето во рајот. Запирката и тука изиграла голема улога.

Еднаш направивме забелешка на една продавачка. На излогот пишуваше на плаката: “Сé за 200 денари”. И велиме дека од ова се разбира, оти сé што има во продавницата може да се купи за 200 денари. Затоа, би требало: “Сé по 200 денари”. Значи секој предмет се продава по толку. А продавачката вели: “На сé има апостроф”. А што ако има, тоа не ја менува суштината. Исто е со транспарентот. Ништо не значи, ништо не менува тоа што зборчето “не” е напишано со големи букви, поголеми од другите. Тоа треба, неопходно е да биде одделено со запирка. Инаку излегува дека ние, всушност, не благодариме.

Жално, таговно ги доживуваме ваквите случаи. Јазикот и идентитетот не се бранат на ваков начин. Кој не политичар, кој не новинар не велат дека предлогот ЗАДИРА во нашиот јазик. Зошто со туѓ збор (српски) го браниме својот јазик. Јазикот не се брани со чукање в гради. Тој се прави со правилна употреба.

Ох, мори мајко! Прости ни, МАКЕДОНИЈО !

Loading