АРХИЕПИСКОПОТ БИЛ “ВОСТОЛИЧЕН”

Некои чудни тенденции се јавуваат. Не само сега, и порано. Преовладуваат некои мислења дека извесна театарска претстава би била поуспешна ако се игра на локален говор. Тоа може да биде во некои ретки случаи, но никако не смее да стане практика. Тоа се однесува и за евентуални ТВ претстави. Најголемата причина е непознавањето на стандардниот јазик, а тоа е редовна појава.

ТВ емисиите се главно поделени на 2 дела, или сериски филмови (обично турски) или политика. Исклучок прават “Нема љутиш” и “Зевзекманија”. “Нема љутиш” се игра на кумановски говор, а “Зевзекманија” на скопски. Велиме на скопски, а поточно е ако речеме дека тоа е некаков битпазарски говор. Има во таа емисија доста духовити нешта, и сатира, има и остра критика за некои денешни состојби. Да!

А јазикот?! Воопшто не се размислува за тоа. Како да е тоа најневажната работа. Слушаме недоследности од скопскиот говор, србизми до бескрај. И сето тоа минува како да е се во ред. Се изненадивме кога некој почнал да мисли и за јазикот, за македонскиот јазик. Онака, малку напамет, се вели дека секој туѓ збор треба да биде преведен на македонски. Играат актерите, зборуваат како што зборуваат и во еден момент едниот од вели: “Тоа е задња шанса”. Во тој момент на екранот се појави текст – “Тоа е последна шанса”. Прво помисливме дека станува збор за некаква техничка грешка, но набрзо сфативме дека станува збор за “грижата” за јазикот. Зборот “задња” е српски и треба да е преведен “последна”.

Така, си тече дејството и слушаме еден од актерите пренесува нечиј предлог – “Да попијемо по једну кафицу”. На екранот, одново читаме превод – “Да се напиеме по едно кафенце”.

Емисијата трае околу еден час. Споменатите реченици (само тие) ги читаме преведени на македонски јазик. Добро! Убаво е тоа. Туѓите текстови треба да бидат преведувани. Во ваквата ситуација, тоа звучи и по малку смешно. Актерите зборуваат на толку нечист јазик, со огромен број локализми, со многу србизми, но ете лекторот пројавил грижа за македонскиот јазик.

Слушаме: “Молим те”. наместо “Те молам”, “Позади мене”, наместо “ Зад мене”, “Нема више”,. наместо “Нема повеќе” и многу, многу такви. Се прашуваме, дали нешто ќе загуби емисијата ако се игра на стандарден македонски јазик, или можеме да се прашаме: Што добива емисијата ако се игра на скопскиот говор? Се разбира, не се добива ништо, а се губи многу. Со еден таков јазичен хаос, не се добива ништо. Затоа смешно изгледаат преводите на оние две реченици за кои лекторот мисли дека се само тие неправилни.

А актерите, одлични. Занаетот не им е туѓ. Школувани се. Но, грижата за јазикот не им била голема. Не го совладале убаво стандардниот јазик. Или, можеби и тие сметаат дека е подобро да се игра на локален говор. Немаат никакво право да мислат така, ако мислат така.

Ќе се префрлиме во друга област. Се одржа заедничка богослужба меѓу МПЦ и СПЦ. Новинарка известува: “Заѕвонија црковните ѕвона”! Уште не разбрала дека во македонскиот јазик тоа се камбани, а не ѕвона. Новинарката  извести за тоа кога бил “востоличен” архиепископот. Се бега од наводно српскиот префикс “У” и, наместо, “Устоличен”, се вели “Востоличен”?! Погрешно е и едното и другото. Во македонскиот јазик не постои збор “столица” а уште помалку “света столица”. Кај нас тоа е – престол или трон.

Архиепископот бил назначен, прогласен, избран, тронисан и којзнае уште како, но никако УСТОЛИЧЕН, а уште помалку ВОСТОЛИЧЕН.

Loading