ДОМ СО 5000 ЛАЖИЧКИ

Живот: Пензионерот Миодраг Мицковиќ е со необично хоби

– Ми понудија 20 илјади евра, но не ги продавам – вели тој

Пензионираниот спортски новинар Миодраг Мицковиќ, прилепчанец кој живее во Скопје, собира стари спортски влезници и други материјали поврзани со спортските натпревари. До каде е колекцијата од влезници?

– Не, не собирам влезници. Сите влезници што ги добивам, ги менувам за лажички. Собирам само лажички. Имам над 5000 – откри Мицковиќ.

По некоја логика спортскиот новинар би требало да го интересираат само сувенири поврзани со спортот. Му праќавме стари влезници од Победа со Вардар од 1977, со белградски Партизан од 1996, со Перуџа од 1999, со Универзитатеа и Парма од 2000, од Вардар со Динамо Букурешт од 1985, од женскиот Тутунски комбинат со Ѓорче Петров од 1988, од машкиот Тутунски со Партизан од 2002…  И стари билтени од турнирот ,,Гана-Мери,,,. Сето ова заминало некаде, не се знае каде низ светот, како голема реклама за Македонија.

– Не знам каде се заминати, во кој град или држава. Може во САД, можеби во Канада или Африка… Зависи каде се разменети. Многу дадов на еден Американец, кој го знам повеќе од 20 години. Беше помошник на првиот секретар на американскиот амбасадор во Македонија. Собираше спортски влезници и значки, а јас му ги праќам. За возврат ми враќа нови лажички од местата што ги посетил. Ги наоѓа лесно, оти многу патува. Има пари човекот. Неодамна од Америка отпатува во Чешка да гледа хокеј – појаснува Миодраг како оди процесот,.

Идејата за собирање лажички дошла случајно. Како спортски новинар првото патување му е во Будимпешта. Таму одбира разни сувенири и неколку лажички. Тие најмногу му се допаѓаат. Првата лажичка е со симболот од Будимпешта – парламентот крај Дунав, една голема зграда. Потоа, купува лажичка од секое патување. Не само што купува, ами добива и од други. Има цела мрежа на доставувачи од земјава и од странство.

– Тие се мали лажички за кафе. На крајот имаат некоја ознака од каде се, од кое место, град или држава. Лажичето од Венеција е со гондола на крајот. Од Париз ја има Ајфеловата кула, од Њујорк е со Статуата на слободата. Од Копенхаген има сирена што стои во заливот. Имам од Монголија, Улан Батор со Џингис Кан, Пекинг, Буенос Аирес, Сантјаго, Барселона, Рим со волчицата, од Лондон лажичето е со кралицата. Од Белград имам со Белградски победник на Калемегдан, од Загреб го има со банот Јелачиќ, Виена со Виенска скала. Секое лажиче има препознатлив знак за местото од каде е купено. Од македонскиве градови има од Скопје со Кале и Офицерскиот дом, од Охрид со Свети Наум и од Крушево со Тоше. За жал, од родниот Прилеп уште немам лажиче, а ако разберам дека има, одма ќе го купам – порачува љубителот на лажички.

Контактира со многу пријатели низ светот. Од сите добива пратки, но и ним им испраќа. Вели дека интересна му е лажичката со пингвин од последната точка на Јужна Америка. Ја добил некаде пред распадот на Југославија, 1989-1990. Од Кина ги има со Забранетиот град, дури и стапчиња за јадење ориз имало на лажичките како знак. Последните лажички што ги добил се од Галапагос – со желка, од Гренланд со ескими, од Хаваи со венци цвеќиња што се ставаат околу вратот.

– Лажичките ми ги праќаат по пошта. Последната пратка со 30 лажички чинеше 20 долари. Американецот ги плати. Кога му праќам, значки, влезници, некогаш шалче спортско, плаќам по 1200 денари поштарина. Скапо е, ама така е, кога сакаш да си колекционер – признава Миодраг.

Има 5000 лажички дома. Домот му е преполн, а сака уште. Домот му е музеј, човек да се изнагледа. Има место и за новите пратки. А пратки сигурно ќе има, со оглед на тоа што веќе има испратено до Американецот разни спортски материјали – значки од Светското фудбалско првенство во Франција 1998, шалче од бугарскиот фудбалски клуб Лудогорец, неколку новинарски акредитации за разни натпревари каде што Мицковиќ бил по службена должност.

– Со нетрпение ја чекам секоја пратка. Имам речиси отсекаде од светот. Малку се местата од каде што немам. Пример е Гибралтар. Се надевам дека некој од спортистиве наши или судиите кои одат дотаму, некој од нив ќе ми донесе и такво лажиче – е желбата на колекционерот.

Колекционерите се карактеристични по приврзаноста за своите збирки. Тешко се одделуваат од нив. Ни со многу пари. Еден прилепчанец не ги даваше своите 3500 стрип-романчиња ни за милон евра. И Мицковиќ е таков – никој за никакви пари не може да го убеди.

-Битолчанец од селото Бистрица понуди 20 илјади евра да ги купи сите 5000 лажички. Не ги продавам. Ако на нешто имаш мерак, незможно е да се откажеш – е конечниот став на Мицковиќ.

Мицковиќ на крајот со порака до читателите, во шеговит стил на стар прилепчанец:

– Ако има некој некакво лажиче со обележје за некое место – град, држава, може слободно да ми го подари. Нема да му се налутам.

Лажичка од Бучковски

-Лажичиња добивав од познати личности. Пред 20 години добив од Владо Бучковски, кога беше премиер. Лажичка ми донесе од Неапол. Разбрал оти сум собирач и се сетил на мене.

Роден во Тризла

– Роден сум во 1938 година во Прилеп. Само неколку месеци сме живееле во Тризла, а потоа сме се преселиле во Белград, а од 1946 година живеам во Скопје. Семејството ми потекнува од Тополчани, каде имам и сега неколку ниви. Прилеп го сакам, а како спортски новинар сум пишувал за Победа, за триумфот во Мостар 1964, за изгубената прволигашка шанса во Сомбор 1966… Имам многу фотографии од тоа време на кои сум со фудбалерите на Победа.

Loading