ДВА БАЗЕНА, ТРИ СЛАПА И ДВА ВОДОПАДА

Миравци

Miravci 1

Како со обични зборови да се опише раскошната природна убавина на Македонија, а притоа да се долови сето она што понекогаш е невидливо и за човечкото око? Мошне неблагодарна работа, освен можеби за поетите. Тоа сигурно ќе го потврдат оние среќници кои ја вкусиле убавината и што грижно ја чуваат во своите срца и сеќавања.

Си беше еднаш еден Рај, го викаа Бел, а потеклото му водеше од с. Миравци. А како што вели поговорката – ,,Сите правци водат кон Миравци,,. Тие несомнено водат и кон Белиот рај… Најубавите реки, планини, полиња, највкусниот зеленчук, најкрцкавите кикиритки… Тоа е Миравци, рамничарско село во гевгелиско-валандовската котлина, на десниот брег на Вардар, на 110 м.н.в. Според структурата на атарот, Миравци е полјоделско-шумарско село. Под влијание на суб-медитеранската клима, покрај основните полјоделски култури, успеваат и раниот зеленчук (домати, краставици, зелка, компир, млад кромид и лук, марула) и некои тропски и медитерански овошја како киви, калинки, смокви и јапонски јаболка.

Miravci 2

Црквата Св. Константин и Елена е изградена во 1860 г. Иако неколку пати била опожарена и разурната, обновена е во 1990 г. Во близината, на патот кон с. Петрово се наоѓа вештачко езеро. На ридовите над Миравци, кои се дел од источното подножје на Кожуф, се наоѓа излетничкото место Бел Рај. Тука тече Стара Река. Извира на 1180 м.н.в., веднаш под врвот Висока чука на Кожуф.

Поради големата висинска разлика од изворот до устието на реката, природата создала кањонско корито каде што Стара Река се влева во Петрушка Река. На 185 м.н.в. е сместен локалитетот Пилоу лава (Пиллоњ лава). Атрактивната појава настанала со излачување на лавата во вода. Нееднаквата температура предизвикала топчесто лачење, а карпите добиле елипсовидна форма. Карпестиот дел на клисурата е висок 13 м. и штити два базена, три слапа и два водопада. Првиот слап е долг 9 м. и паѓа во базен широк 11 м. и длабок 3 м. Вториот слап е долг 8 м, а третиот 3 м. Низводно се јавува првиот водопад со 5,3 м. височина, а потоа и вториот, висок 7 м. Под него е вториот базен широк 10 м, долг 13 м. и длабок 4 м. Клисурата е релативно мала, но плени со својата убавина.

Miravci 3

Специфичноста на овој доста редок феномен има битно значење за науката и едукацијата, но и за уживање во преубавата пејзажна уметност. Водата во клисурестиот дел се одликува со голема бистрина и чистота, а благодарение на бројните сончеви денови, и со повисока температура која со објектот ја прави локацијата поимпресивна и попривлечна после пријатните капења. Угостителскиот објект е отворен во летниот период и е вистинско место за релаксација, забава, но и за рекреативен туризам во летните горештини.

Miravci 4

Loading