РИБАРСКА ЛУЛКА СО ЛЕКОВИТА МОЌ

Дојран

dojran 1

 

На југосточниот дел од земјава се наоѓа Дојранското Езеро, едно од трите природни езерски реткости во земјава. Задоволство е прошетката крај езерските песочни плажи, сончањето и пливањето во најтоплите води од земјава. Од другата страна, водата ги заплискува грчките брегови. Дојран е атрактивен не само по водата, туку и по можноста за дегустирање на домашни специјалитети, особно вкусниот дојрански крап.

Покрај брегот се двете населби Стар и Нов Дојран. Речиси се споени. На локацијата доминира тишината. Макар што понекогаш, крајбрежјето е мамка за млади и спортисти. Посебно привлечно е кампувањето под крошните на столетните дрвја. Тие се дел од природниот дар.

Дојран беше атракција поради единствениот и уникатен традиционален начин на ловење на риба со помош на птиците, корморани. Поради еколошка катастрофа на езерото, со губење на големо количество вода, од природата исчезнаа многу ендемски видови на животни и растенија. Обилните дождови и изградениот систем за спас на езерото, влеваат надеж за регенерација на природата. Птиците и рибите полека се враќаат во надојдените води, а младите често уживаат во топлата и лековита вода низ ритамот на крајезерските забави. Дојран е и одлично место за подготовтки за напорните спортски натпревари. Ова место е лулка за релаксација и за напојување на телото со нова свежина.  

Dojran 2

Езерото е остаток од некогашното Пеонско Езеро. Тоа е еден од најблагородните и најубави природни реткости, распространето на 42,1 км 2. Водата обилува со јод со моќ за лечење на рани и на белодробни болести. Не случајно со векови се нарекува природно лечилиште.

Котлината е постојано заплискувана од пријатна медитеранска клима со топли и суви лета и благи зими. Температурата се движи од 20 до 40 степени, а водата е 27 степени. Тоа овозможува пријатен престој и дење и ноќе.

Низ историјата биле градени повеќе објекти кои и денес привлекуваат посетители, љубопитни да талкаат по ходниците на минатото. Интересни се Саат-кулата, Амам-бањата, старата Екси-чешма и црквата Св. Илија. Саат-кулата, која во Првата светска војна била полуразурната, го красела центарот. Карактеристичен бил механизмот на саатот. Постои легенда дека кулата ја изградил Евренос бег во чест на освојувањето на градот.

Над Стар Дојран се надвиснуваат контурите на полуразурнатата катедрална црква посветена на Св. Илија. Била монументална градба од 1874 г. Во внатрешноста, фрагментарно се сочувани остатоци од некогашниот фрескоживопис.

Според големината, езерото е најбогато со риби во Европа. Застапени се црвеноперките, перкиите, крапот, сомот… Езерото е ретко место во светот каде рибите се ловат со птици. Населението е гордо на рибарската традиција. Ловењето во мандрите е ритуал кој ги врзуваат илјадници рибарски приказни сплетени во долгите ноќи крај езерските води во исчекување на богат лов. Рибарските куќички и мандрите, оставени на крајбрежјето меѓу сувите школки, потсетуваат на минатото. Надоаѓањето на водата буди надеж. Се очекува заживување на мандрите, а рибарите и кормораните пак да ја заиграат старата игра.

Dojran 3

Мандра

Мандра е воден простор со рибарска куќучка крај брегот. Од три страни е заграден со трска. Во октомври се оградуваат две страни со трска, а страната кон езерото се остава отворена. Кога птиците корморани доаѓаат во ноември, барајќи храна се приближуваат кон оградата, бркајќи ги натаму и рибите.  Рибарите забележат дека има доволно риба го заградуваат и третиот дел на мандрата. Ги фаќаат птиците во делот наречен пиликатник, им ги сечат крилјата и ги пуштаат на оградата од кај езерото, со што не им дозволуваат на рибите да излезат од заградениот простор. Птиците со исечени крилја се нарекуваат аргати. Со времето оградата се стеснува и се приближуваат кон брегот, при што се создава мал простор за црпење на рибите.

Живот во праисторијата

Просторот околу езерото бил населен од праисторијата. Има записи од  антиката од грчкиот историчар Херодот. Тој забележал дека крај езерото живеат Пеонци,кои се занимаваат со риболов. Оттогаш се споменува специфичниот начин на риболов со помош на птиците кои летаат ниско и ги наведуваат рибите во ловиштата. По римскиот период, Дојран паднал под византиско власт и со името Полин. Во 1391 г. го зазеле Турците. Тогаш тој се преселил на местото на денешен Стар Дојран. Со бомбардирањата во Првата светска војна, градот бил разрушен, а населанието се преселило во Нов Дојран.

Се удавила убавицата Дојрана

За езерото се раскажуваат различни легенди. Една вели дека на просторот, постоел бунар од кој луѓето полнеле вода. Откако ќе наполнеле, го затворале бунарот со девет катанци. И најубавата млада девојка, Дојрана, полнела вода. Покрај бунарот ја чекало момче во кое се вљубила. Наполнила вода, но занесена од милувањето на момчето, заборавила да го затвори деветиот катанец. Од бунарот почнала да тече вода која ја преплавила целата котлина. Така настанало езерото и го добило името Дојран.

Друго предание вели дека турскиот паша кој се вљубил во девојката Дојрана наредил да ја доведат убавицата во неговиот шатор. Девојката се спротивставила. За да не биде со сила одведена, влегла во езерските води и се удавила. Во чест на убавата и храбра девојка, езерото било наречено Дојранско.

Loading