Фудбал: Почнува Втората лига – Исток
-Првиот меч е многу битен – вели тренерот Крстески
Името Кит-Го е од скоро познато во фудбалот, а веќе предизвикува респект. Тоа е добро организиран клуб од Пехчево. До прекинот поради короната четвртопласиран на табелата од Втората лига – Исток. Летово ја заврши серијата пријателски мечеви со реми (1:1) со Кожуф во Гевгелија. В сабота во борба за првите есенски бодови и гостува на Победа.
-Стандардно добра екипа. Три-четири години не менуваат во играчкиот кадар. Континуирано добро работат со млади. Ако дојде до промени на една – две позиции, сите добро се познаваат меѓу себе. Работат безмалку програма како штипска Брегалница, оти имаат ист газда – вели Дарко Крстески, тренер на Победа.
Пред прилепскиот тим е сериозна задача. Против овој тимт минатото првенство загуби во Пехчево со 2:1. Во прилог е оптимистичката атмосфера по последниот пријателски меч во Јегуновце против Тетекс кој е добиен со 2:1. Сите играчи со настинка, заздравуваат и ќе бидат на располагање.
– Првиот меч е многу битен. Малку ќе бидеме во грч. Тоа ќе го пребродиме со брзо отворање на резултатот. Дали дома или на гости, не е важно каде играме. Најважно е да дадеме максимум да стигнеме до целта – порачува Крстески.
Покрај размислувањата за Неготино, мечот ќе се игра кај Могилата на непобедените, в сабота во 17 часот.