РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

pismo-2

„Оваа земја по која чекорам,

за своја не ја знам.

Оваа земја, простете,

за мене, е туѓа“

Овој стих на Вапцаров, кој живееше во Софија и беше стрелан, како да извира од мојата уста.

На територијата на нашата Македонија се појави потполно нова творба. А Македонија ја направи империја Македонец. Македонија, за жал, пак ја уништува Македонец. Овој период е најтемниот период од македонската историја. Го послушаа Западот и на балкански начин, со беззаконие ја создадоа новата држава. И опозицијата го послуша Западот и европски се однесуваше спрема балканското однесување. Тоа се овие две македонски струи. Јаката, оригиналната македонска струја е уништена. Колку за потсетување. Ченто на АСНОМ, го избрка југословенскиот претставник Темпо со зборовите: ,,За Македонија ќе решаваат само Македонците,,.

Ципрас со својот истомисленик Димитров ја избришаа македонската нација, историја, јазик. Цинизмот да е уште поголем Ципрас ја спомна и Мирка Гинова. Кој разбра, разбра. Гинова ја закопаа жива, а само главата и ја оставија над земја. Се изживуваа. Така постапуваа спрема оние кои се изјаснуваа и се бореа како Македонци.

Ја присвоија и македонската антика. Односно, ние им ја подаривме. Во најголемата битка против Елините кај Херонеја, Филип Втори Македонски извојува голема победа и го постави македонското шеснаесетзрачно знаме на местото на победата. Чии се Филип и Александар Македонски кога се борат против Грците? Чие е шеснаесетзрачното знаме од Кутлеш кога е во рацете на Македонците при нивните победи?

А Димитров нé нарече нас искомплексирана нација? Кој ти го даде правото да го навредуваш мојот народ? Да, за твоето балканско однесување те воспитале Западнаците. Колку е потребно будно да стражариме над својата уста и грижливо да пазиме на своите чекори? Не, ние не сме искомплексирана нација, не сме овци, такви-никакви, да нé стрижат. Мудриот Соломон напишал: ,,Тешко тебе земјо, кога царот ти е дете,,. Колкава неразумност е да се избегнува одговорност која ја донесува животот секој ден. Оние кои одат по патеките на послушноста ќе наидат на многу пречки.

Македонија сега не е држава на македонскиот народ. А што се добива после капитулацијата? Македонија е двојазична и двонационална. Не сме биле зрели за национална држава!? Сиктер! Куса е етапата на постоење Република Северна Македонија со два официјални јазици. Тоа е неможно. Државата станува нефункционална. Послушајте го американскиот претседател Трамп кој му порача на светот дека предимство има националното пред глобализацијата. Ние со двојазичноста влегуваме во длабок ќорсокак. И уште не добиле сé што барале. Ајде, додека сме загреани со отстапки, што треба уште да направиме. Да си одиме одовде, да бидете сами, да ја смениме верата, сунет…? Ќе видите со кого садите краставици, а и ние сите со вас. Се разоружа државата во историска и идентитетска смисла. Се осквернави уставот. Го загубивме достоинството. Сето ова утре може да биде чудовишно погрешно. Кога ветриштата ќе нé одвејат и историскиот мрак ќе нé проголта, ниту НАТО ќе не одбрани, ниту ЕУ.

Молчењето на граѓаните не е злато, туку е само тивко, но решително предупредување. Повеќе треба да ве плаши 30 септември, отколку 27 април. Уште колку несреќи треба да нé снајдат да сфатите и да се покаете за своите гревови. Па зар мислите дека ќе останете неказнети? Не, нема. Никој лесно не може да куртули од народот. Во животот имаме малку време да оставиме траги. Македонијо, кој и да се вооружа против тебе, заради тебе ќе падне.

Прим. Д-р. Благоја Дамески

Loading