ДА БИДЕМЕ ПРОФЕСИОНАЛЦИ, ДА НЕ СЕ ВАДИМЕ СО ПРИВАТНИ ИЗГОВОРИ

– Интервју – М-р Никола НАСТОСКИ, актер и професор на Факултетот за драмски уметности

– Во Истанбул, на Мармара Универзитет ја подготвува докторската теза

– Професор е по предметот Техника на глас на Факултет за драмски уметности во Скопје

– Далеку сме од тоа каде јас навистина би сакал да бидеме

Nikola4

По пауза од шест ипол години повторно се појавивте на сцената на прилепскиот театар во претставата ,, Казимир и Каролина,,. Да тргнеме од она што го рековте и на прес конференцијата со режисерката Нела Витошевиќ, враќањето на старите места буди тага или радост! За среќа, радост! Зошто, за театарот, за колегите, за Прилеп, за Македонија? Каде сме ние сега сите?

– Па пред и над сè тоа е радост од играта на сцена, па потоа може да се каже дека е радост од повторната соработка со колегите од овој театар. И покрај многуте перипетии кои сум ги проживеал еве ме повторно тука, а тоа е така затоа што сè уште имам што да кажам. А Нела Витошевиќ е режисер со кој ќе соработувам секаде и секогаш, едноставно се разбираме и затоа имаме успешни соработки. Јас сум од оние луѓе кои не се врзуваат за локации, туку за личности, ми фалеа блиските, па затоа повторно сум се вратил.  А за тоа каде сме ние сите сега, ако почнам да зборувам ќе нема крај, за жал далеку сме од тоа каде јас навистина би сакал да бидеме.

Nikola5

Успешната приказна во Истанбул, дооформувањето на степенот на образованието? Играњето на претстави на турски јазик, искуство, црпење на нови знаења, едукација во поразличен систем?

– Пред да се случи одењето за Истанбул бев во еден чуден период од животот кога професионално се најдов во еден теснец и не знаев ни сам каде и како да продолжам, па Истанбул дојде како совршено решение/бегство. Имав само една претстава во соработка со колешката Слаѓана Вујошевиќ која ја игравме на македонски и турски јазик и ми е едно од подрагите искуства. И таа приказна со Истанбул сè уште трае, сега сум во фаза на пишување на докторската теза и се надевам дека за брзо ќе стигнам и до нејзина одбрана. Искуствата од таму се непроценливи и навистина ме променија. Јас сум студент на Мармара Универзитет и едукативниот систем кој го имаат на овој универзитет е навистина добар, станува збор за универзитет со традиција и професори од кои и тоа како има што да се научи. 

Nikola1Во 2014 г. со акцијата на Министервото за култура за доекипирање на театрите, бевте вработен во ,,Војдан Чернодрински,,. Моментот на земи или остави, што беше пресудно, придобивките од сето тоа?

– Па кога сте во ситуација на земи или остави ги поставувате работите на кантар и гледате на каде ќе натежнат, во мојот случај натежнаа накај Истанбул, иако ми недостасуваат соработките и претставите тука, сепак мислам дека тоа беше правилна одлука.

По титулар сте доцент, и го предавате предметот Техника на глас на Факултет за драмски уметности? Улогата на професор, како да се пренесе знаењето на студентите? Приод и техники? Искрено ги споделувате сите тајни?

– Не се замислував себе си во оваа улога, но откако излезе шансата ја прифатив и како да се пронајдов во истата, работата со студенти е навистина позитивна и како што велеше и мојот професор Кирил Ристоски, блискоста со млади колеги те одржува млад во духот. Приодот и техниките произлегуваат од самите студенти и нивните специфични потреби. Јас немам тајни, сакам сите искуства, дали тоа биле позитивни или негативни, да ги споделувам со студентите за да можат да научат практични работи, а не само технички да се образуваат, туку да знаат како тие работи да ги применат практично во создавањето на нивните уметнички креации.

Кога се чувствувате поубаво, како актер или во улога на педагог?

– Па за мене тоа е едно и исто, јас иако сум педагог не сметам дека сум помалку актер, пред сè сум актер по професија, доцент е само титула и начин како сопствените искуства да ги споделам со идните колеги.

Конвенционално но сепак неодминливо прашање – Планови, желби и договорени проекти?

Во план е театарскиот проект ЖИВОТНИ во Киното Култура со режисерката Драгана Стојчевска за многу скоро, некои работилници, а можеби и некои филмски остварувања. Тоа на професионален план, а на приватен, пат околу светот, кој го спроведувам во етапи.

Nikola3И за сè она што не Ве прашав, а сметате дека е убаво се знае, прочита, некои интересни моменти, кои би сакале да ги поделите со јавноста?

– Она што би сакал да го додадам за крај е тоа дека низ сите животни авантури кои сум ги поминал сум сфатил дека професионалното и приватното не треба да се мешаат. Бидејќи ние сме мало општество, сите сè си сфаќаат лично и затоа професионално уназадуваме. Ајде малку да бидеме професионалци и да не се вадиме со приватни изговори, секој нека си ја сноси професионалната одговорност и да се надоврзам на првото прашање, можеби ќе тргнеме во правец во кој што јас би сакал сите да се движиме.

ТЕАТАРСКАТА НЕКУЛТУРА – ДЕКОНЦЕНТРИРА

Театарскиот бонтон беше онлајн образовна иницијатива на „Театар за сите” за подигање на свеста кај публиката, со цел да се подобри однесувањето при одењето во театар на претстава. Ни треба но, зошто. Што доживуваат актерите од публиката?

– Па, театарската некултура се одразува директно на актерите и деконцентрира без разлика на тоа каква некултура била во прашање, ете затоа сметам дека е потребна и секогаш ќе ги подржувам сите иницијативи кои се залагаат за оваа кауза. 

Ширцингер во „Казимир и Каролина“

Во претставата “Казимир И Каролина” по текст на Еден Фон Хорват, а во режија на Нела Витошевиќ, Никола Настоски ја игра улогата на Ширцингер.  Затскриен задсветликавите рингишпили, тезгите со сладолед и храна меѓу кои се случува дејството на оваа претстава, изобилството од алкохол и општата еуфорија која владее на Октоберфест, тоа е всушност еден брутален и безмилосен свет на малодушност и банално секојдневие, свет во којшто човековите копнежи и соништа во целост зависат од материјалното. Авторот Еден фон Хорват како поднаслов ја ставил максимата „А љубовта сепак трае”.

Loading