ИСТОРИСКИ РАСКАЗИ ОД МАРУЛ

feljton

Фељтон: Томе Велјановски

Глава 1         

Марулецот Томе Велјановски кој живее во Гетеборг во Шведска, меѓу бројните записи и сеќавања кои ги собрал, се и оние за настаните од Втората светска војна. Ги зачувал прибелешките во кои опишува случки кои му оставиле длабоки траги во меморијата, а кои биле поврзани со неговите блиски. Негова  цел е да ги пренесе приказните од народноослободителната борба користејќи разговорен јазик. Не е прв пат Томе Велјановски да пишува за селото Марул. Во изминатиот период на страниците на Зенит ги пренесовме неговите белешки за родословијата во овој крај.

(3)

Како што кажува Петрески Митре Бабјак како деца на возраст од 10 години оделе на посета на бригадата, борците им велеле донесете по една лубеница и ќе ве запишеме да бидете борци. Јас, Митре Божидар Јованоски и Петре Василоски, родени 1933, а додека Павлески Мирко и Танески Богоја и Тоде родени 1934, Трајче Бошески, Петрески Томе, брат ми и Благоја Колески родени 1935 и Мурџески Богоја роден 1936, се договоривме сите и однесовме по една лубеница кај борците во оградата Јолеска за да не запишат како борци. Лубениците ги зедоа, нас ни остана гордост да сме борци на македонската војска.

Исто така и женскиот пол во селото бил ангажиран во време на престојот на втората бригада. Покрај пригодтвување чорбесто јадење, горните алишта на борците им биле исперени со врела вода од напад на вошки и гниди. Девојките шетале по куќи, собирале разноврсни алишта за потребите на борците. Капи, чорапи, фанели и ред други потребни работи. Собрале 180 чифта чорапи. Исто така на многу борци од бригадата му била испрана горната облека. Женскиот актив ја одржувал хигиената во болничката соба во куќата на Петре Јанкоски.

Од друга страна, бригадата си ја чувала својата безбедност со поставена стража. Имале поставено стража во базата во тремот на црквата, кај штабот во куќата Новаческа , во болницата на куќата на Петре Јанкоски, оваа стража ја викале куќна стража. Далеку видна страна обезбедена со двогледи имале на три места: на острило во орницата јоноска, на градиште, на источната страна на громотска тумба. Овие стражарски места биле обезбедени со шаторско крило од невреме и да го пратат движењето на германската армија при нејзиното повлекување Битола – Прилеп. Исто така за ноќно време имало поставено стража на сите патишта што влегувале и излегувале во с. Марул. Кулата на Трајан Павлески била одредена за одмор на стражата. На 15 септември 1944 г., вечерта командантот на бригадата Темелкоски Дончо ги повикал селскиот кмет Танески Мице и одборот за позадина Јованоски Тодор, Новачески Јован, Танески Крсте и одборот на АФ Жените Василоски Милан Борачо во Штабот на Новачески Јован за еден разговор и соопштение.  Во разговорот командантот Дончо за пречекот на бригадата многу му се заблагодарил, му подарил една благодарница. Исто така напишал посебни документи за секој одземен добиток, да му се предадат на стопаните за оштетеност со кои кога ќе се направи државата ќе имаат право за оштетен надоместок. Откако се направила државата, оштетените домаќинства поднесле барања за оштета и добиле одговор: Тоа време е минато, кој да ги надокнади штетите за отепаните бориц во војната. Вашите оштети ќе бидат префрлени во фондот за изгдба на државата. Благодарницата била чувана кај селскиот одборник додека не се направиле селската колективна задруга и била дадена таму на чување во 1951 година. Кога се расформира селската задруга, колективот во април 1953 година задругата остана ничија и се губи трагата на благодарниците.

Исто така, командантот Дончо ги известил селскиот кмет и одборот за позадина дека наредното утро бригадата се крева преку Бонче, ќе оди во село Дуње. Така ни е наредено, рекол командантот Дончо. Напомнал Дончо: Ако нешто остани за дотоварање најдете едно товарно добитче, донесете го до Бонче, од таму ќе биди префрлено во селото Дуње.

На 16 септември 1944 година, во раните мугри се кренала бригадата во колона по еден, го фатила патчето од тремот на црквата над Новачевци, над Илиовци, над Богдановци и Стевановци, патчето за Бонче. Димо оро редови камење големите расје веќе бригадата била забележана од Германците, од кај Могила фрлиле неколку тенковски гранати. Гранатите паднале до теќето во Канатларци, убиле една жена. Бригадата кај Плочите префрлила во бонечкото и преку денот преку Бонче заминала за с. Дуње. Таму се очекувал голем митинг и мобилизација на нови борци од мариоскиот крај. Исто така во поладневното време према договорот, двајцата водачи на бригадата Велјановски Благоја и Танески Димко да се сретнат на одредено место, на каменот голем белутрак кај бумбара орница во големите расје. Благоја отишол на закажаното место. По кратко време наместо Димко дошол братучед му Танески Блаже. Неговото доаѓање го изненадило, зачудило Благоја и му рекол на Блаже: Вие со Димко да не направите некоја грешка, овде треба да дојди Димко.

– Не, никакво изненадување, одговорил Блаже. Димкојца има смртен случај во нејзината родна куќа кај поламидвци во с. Алинци, се однесува за битолско Алинци. Отидоа таму, кога ќе се вратат не знам. Што се однесува за моето доаѓање овде, е од следната работа, рекол Блаже. Генералштабот на македонската војска има донесено нов закон ако се има повеќе лица во една куќа што се способни за воена обврска, тогаш го фаќа законот најмладото лице. Јас сум најмладиот од браќа ми и затоа дојдов овде!

Седеле, што седеле Благоја и Блаже на каменот белутрак кај големите расје и се мислеле што да сторат, дали да заминат за Бонче или да се вратат дома за Марул. Сонцето веќе навалило над Тополчани. Блаже изустил: Благоја, ќе одиме до Бонче, ќе преспиеме кај Тантушовци, браќа се на жената ми Трајана, утре ќе видиме што ќе направат бончани и ние тоа ќе го направиме!

Вечерта отишле кај Тантушовци, преспале таму и ја разбрале сета работа и утрото заедно со бонечките регрути заминале за с. Дуње. Таму направиле средби и разговор со командантот на бригадата Темелкоски Дончо и со повеќе борци од бригадата, како со кадинецот Кебакоски Милан. Стрико ми Благоја Велјаноски и Блаже Танески во нивните разговори тврдеа дека имало многу насобрани млади момчиња од мариовскиот крај за мобилизација. Главна личност за мобилизација беше Ристе Ѕунов од с. Дуње.

(продолжува)

Loading