МАРУЛ ВО „МАТИЧНИТЕ“ КНИГИ (8)

Фељтон: Белешките на Томе Велјановски

Screenshot 1

– Со цел да ги заштити од заборавот, марулчанецот Томе Вељановски кој живее во Гетеборг, во Шведска пренесува податоци за венчавките, склучените бракови и карактеристични настани. Изнесените факти се според сеќавањата на Велјановски. Записите се оригинални, со правописни грешки и дијалект.

6. Домазети вдовци и ергени појдени од с. Марул во други населени места

3. Здраве Здравески појден домазет во с. Мојно кај непознато име на домазетицата и фамилијата. Некогаш во годините 1820 една фамилија по име Здравевци од с. Лагово дошла во Марул да момокува кај марулските бегови. По време, фамилијата се намножила и се разделила на повеќе фамилии: 1. од Здравески Дојчин се денешните Јолевци; 2. од Здравески Грујо се денешните Јоновци, Крушковци и Тодоровци; 3. од Здравески Степан се Пумевци иселени во Прилеп; 4. од Здравески Ристе е Анѓа Стојаница Танеска и 5. од Здравески Здраве се Здравевци во с. Мојно.

Браќата Ристе и Здраве родени помеѓу годините 1840-1850 биле момци кај беговите Цацовци на денешното место од Тодоровци. Помладиот брат се одделил од братот Ристе и отишол за домазет во с. Мојно како ерген за девојка домазетица. За жал како се викала девојката за која Здраве отишол домазет не е познато. Здраве во Мојно основал фамилија и по неговото име фамилијата го добила презимето Здравевци. Комитската чета на војводата Богоја Симјанин од с. Жван, демирхисарско наминала една вечер и ја сослушувале Здравејца како преку некој турски доверени вршела недолични работи, кодошлак. Откако ја ослободиле жената го зеле Здраве да ја пренесе четата од с. Бонче која требало да оди во с. Кокре да го ослободи сардисаниот од аскерот, Крсте Шаќир. Штотуку дошле во Бонче го пуштиле Здраве да си оди дома. Здраве лут за судењето на жената му од Бонче отишол право во Мусинци и им рекол ако го барате Ристе Цоце, тепачот на Муса, тој е во Бонче. Мусинчани му платиле на Здраве за услугата. Селската милиција ги јавнала коњите, го сардисале селото, на снегот ги виделе комитите уште не излезени. Стасал и аскерот кој се движел во близина. Започнала борбата. Животот го загубиле војводата Богоја и Ристе Цоце од с. Подмол. Крсте Шаќир сам ја спасил четата со измама. Така се зборуваше дека бил предавник на четата. Која е вистината никој не знае. Најповеќе тврдат Цоцевци. Едно здравеско ергенче во 1945 година по име Ристе се има ожени за момата Јанкоска Петрева Петкана. Мојнските Здравевци се најблиску роднина на Анѓа Стојаница Танеска, умре во 1956 година на 80 години во с. Марул. Ристе Здравески Пуме се догледува кај својата ќерка Анѓа Стојаница Танеска. Ристе во 1920 година умре на 80 годишна старост и погребан е во марулските гробишта. Едно внимание околу презимето Здравевци од с. Лагово. Во с. Марул дошла една фамилија од с. Лагово со име Здраве Вепрчански Мариовец. Здраве дошол фамилијарно како овчар за бегот Амдија Лазески. Негово потомство е Здравески Стојанов Атанас Чонески кој нема ништо заедничко со Здравевци горните Пумевци.

4. Ристе Јошески од Марул оди за домазет кај Карбеска Мара во с. Мало Рувци. Јоше Здравески Лопатичанец женет за Петра Маркоска од с. Марул фамилијарно момокувал во с. Радобор кај некој си турски бег, човек без осет и човечка душа. Му немало спас освен поништување на тој злосторен човек силеџија. Некои момци Букревци од Битола замешани на Јоше му врзале тешки предмети и во блатото го фрлиле. Од таа причина Јоше се доселил во Марул, се главил момок фамилијарно кај беговите Јонзуски. Јоше и Петра одгледале три деца: Велика, Никола и Крсте. Велика ја омажиле за Ѓорче Грујоски во с. Марул. Никола го ожениле за Донка Чакмакоска во с. Мало Рувци. Крсте го ожениле за Мара Степаноска од с. Лопатица, прилепско. Никола и Донка имаат три деца: Петре, Ристе и Лубика. Ристе бил многу палаво, немирно дете како што кажуваат постарите Марулци. Неговата генерација, за време на Првата светска војна, марулските деца добиле канчиња од германските војници и во групи оделе во чуките кај германските воени кујни добивале во канчињата чорба. Ристе, сиромав, без мајка облечен во еден руски шинел препашан со опасач, гол, ништо под шинелот, неговото следовање не го испил и попат од помалите деца ќе си го наполнел канчето чорба за дома. Како што кажуваше Петре Бабјак, браќата Петре, Ристе и тој отишле по војната во Црничани да бараат оружје. Петре Бабјак ги замолил да си одат дома за Марул. Се налутиле браќата Петре и Ристе со пиштолите од ракети до Марул го бркале да легнува во калта и вирови со вода во студот пред Божик. Една ракета пуштија во воздух, светни, види го каде е, и другата ракета во него. Во еден нивни разговор во смеа Бабјакот Петре му вели, зар навистина ме гаѓате. Николоски Петре им одговорил, не, само сакаме да ви докажеме дека не сте само вие со брат ти Аџи бестрашни. Во 1920 година говедата селски ги паселе Петре и Ристе во местото Ветроводеница, тренирале со пиштолите гаѓање во лепешки. Си тргнале дома, се запалило местото со житарките, изгорело дел од полето со жито: марулско, штавичко и русечко поле. Во 1921 година Никола бил претставник на цуцулистичката партија за околните неколку села. Наместо социјалисти ги викале цуцулисти. За побрзо и поактивно Никола да ја врши работата, партијата на цуцулистите му подариле еден сив коњ останат од војната. Никола детето Ристе го главил момоче кај Карбевци за да ги паси овците. Ристе овците ги пасел само три дена и си дошол дома во Марул и продолжил да се расправа со пиштоли до отслужувањето на воениот рок во армијата на СХС. Откако Ристе го завршил воениот рок во 1926 година неговите вујчевци, богатите Чакмаковци во Мало Рувци се договориле Димитрија, Ѓорѓија и Крсте да го земат домазет Ристе за Мара Петрева Карбеска, единка во фамилијата, ако се бендисаат. Родителите Никола и Петре со децата направиле средба. Децата се бендисале, се дало збор за земање. Ристе ја напуштил татковата куќа во Марул, се пресели за домазет кај Мара Карбеска во Мало Рувци. Ристе кај Карбевци ја сватил домаќински работата имотот да се чува со работа и така постапил. Мара и Ристе имаат деца и нивни потомства. Ги фати голема несреќа во фамилијата. Синот Илија во 1947 година умре на операција во битолската болница. Остави две деца сирачиња. Додека Ристе беше со поголема енергија секогаш беше на гости за Богородица кај братот Петре и прошетан кај роднините во с. Марул. Ристе умре кај внуците во Прилеп.

Продолжува

Loading