МИСТИКАТА НА МИЛЕНИУМСКИОТ СЛЕЧЕНСКИОТ МАНАСТИР СВЕТИ ЈОВАН ПРЕТЕЧА

133624590-111753

– Освен што со векови бил духовен центар, манастирот во Слепче е нераздвоен дел од македонската историја. Се споменува како место во кое редовно престојувале Никола Карев и Јордан Пиперката. Дека местото имало бурна историја сведочат и тајните тунели во старото запалено здание до манастирската црква чии што ѕидови се подебели и од 1,5 метри, а куполите не се гледаат однадвор

Селото Слепче се наоѓа во западна Македонија, сместено е во источните падини на Илиница, разгранок на Бигла, на 680 метри надморска височина, опкружено со дабова шума, недопрена природа и бистра вода. Пријатната клима и чистиот воздух се вистински можности за одмор од градскиот метеж. Таму, почнувајќи од 7 јули, Иванден се одбележуваа 1000 години од постоењето на манастирот Свети Јован Претеча и милениум од смртта на цар Самуил. Манастирот. Тој се смета за едно од најстарите и најзначајни македонски духовни светилишта. Сообраќајно е пристапно селото Слепче. Се наоѓа на 4 км. од Демир Хисар. Оддалеченоста од Прилеп е 40 км. Помалку од еден час. Патот е асфалтен и со улично осветлување. По селото има уште околу 3 км.  да се стигне до најголемото духовно и културно – просветителско светилиште, манастирот Свети Јован Претеча.

Првите пишани податоци се од 1393/1394 г. Храмот е зографисан во 14 на 15 век со парична помош од кратовскиот кнез Димитар. Последниот зачуван фрескоживопис по опустошувањето во средината на 19 век, е од крајот на 19 век. Не е познат датумот на осветувањето. Постои легенда дека манастирот го подигнал царот Самуил во 1010 година по трагичната битка на Беласица. Дел од ослепената самуилова војска, на пат за Охрид, минала низ демирхисарско. Една група, по наредба на самуиловата ќерка Косара, се населиле во манастирскиот атар. Затоа манастирот бил наречен слепченски, а ридот што се издига западно, во чест на царот го нарекле Самуилов рид. Според легендата, манастирот имал имот дури во Албанија, кој бил подарок од самуиловата ќерка.

Манастирот ги спаси книгите и тапиите во 1945 година кои требало да горат во голем оган една по една во дворот. Некои селани скришно сочувале дел од тапиите пред налетот на новата власт, која решила да расчисти со религијата и да посегне по имотот на најбогатиот манастир во Македонија. Манастирот имал ниви и шуми имал дури до Елбасан во Албанија. Со аманет, години подоцна наследниците требало да им ги предадат спасените тапии и да се вратат на светото место населено со калуѓери. Монасите се задржале подолго од три години и го заживеале запустениот манастир. Тајната била сочувана повеќе од половина век. Кога дошло време, потомците на неколку фамилии од селото Слепче, чии имиња се држат во целосна тајност, го исполниле аманетот оставен од дедовците. Тапиите биле вратени. Монасите се вратиле и со голем труд и работа направиле духовно и економско чудо. Многубројните истражувања и многубројните пишани и зачувани документи се сведоштво за богатата книжевно просветителска дејност развиена од 11 и 12 век. Се препишувале и преведувале богослужбени книги, а најпознатиот со солидно богословско образование, јеромонахот Висарион, од своите ученици создал и нов книжевен кадар. Тајната била сочувана повеќе од половина век.

Низ историјата, а поради отсуството на грижа и во различни периоди и околности, манастирот преживеал неколку огнени стихии и пустошења. Значително се оштетени иконостасот и фрескоживописот, украден или исчезнат е дел од оригиналниот библиотечен фонд, а манастирската црква била целосно малтерисана. Извесни артефакти од овој духовен споменик, меѓу кои големиот златен крст, влезната дрвена олтарна врата, како и познатата и ретка икона со чудотворна моќ, Одигитрија (Патеводилка), се заштитени и се наоѓаат во македонските национални институции.

Слепченскиот манастир, како еден од духовно најразвиените центри, бил често ограбуван, пален и уништуван. Двапати, во 13 и во 17 век, бил комплетно запален од Арнаутите и од Турците, кои тогаш ги убиле сите монаси. Уште се гледа штетата од последниот пожар во 1970 г. кога, поради невнимание од запалените свеќи, настрадал дел од олтарот. Поради сето тоа, малку е останато од стариот автентичен фрескоживопис и од надалеку познатата плитка слепченска резба, за која се вели дека е поделикатна отколку длабоката резба. Може да се види и певница во плитка резба и реплика од иконата Св. Богородица Патеводителка, која се смета за една од највредните и е рамо до рамо со уште неколку во регионот. Од постар датум е живописот на влезот од манастирската цр­ква од 19 век. Вреден е иако е ликовно посиромашен, со напуштен стил по старите канони на православието. Поголемиот дел од автентичните вредности одамна не се во манастирот – старите двери се во Софија и во Белград, а вредните икони во Скопје.

Како во други манастири, обновен е монашкиот живот по многу векови. Обновена е и преведувачката дејност.

Монасите изработуваат икони во автентичен стил и веќе имаат неколку готови. Славата на некогашниот книжевен и преведувачки центар во Слепче, чии ракописи со манастирскиот печат и денес се чуваат во лаврите во Русија, полека се враќаат со 21 издадена книга и 170 акатисти подготвени заедно со сестринството од соседниот манастир во Журче.

-Манастирот не е многу посетен и затоа единствен начин да опстои е да има економија. Со денационализацијата не беше вратен имотот што припаѓа, туку се компензираа со парцели што не се блиску. Сами ја обработуваме земјата што и се трудиме на органски начин да произведеме сé што е потребно. Одгледуваме јунци, крави, кози и овци. Произведуваме сирење, месо и изварка. Чуваме пчели и продаваме мед и производи од мед. Тоа се постигнува со петнаесетина луѓе кои постојано живеат во двата манастира, бидејќи со Журче имаме заедничка економија – велат оттаму.

Манастирот во Слепче има и регистрирани легла за Шарпланинци, а сестрите плетат, везат, шијат и прават џем и мармалад од непрскани јаболка и од други плодови. Намерниците може да купат од сé што се произведува во манастирот. Куриозитет е што економијата го снабди со млеко селото Слепче, чии речиси илјада жители се откажале од чување крави.

Откако монасите се вратени, не се дозволени славења и правење пикник со скара и гласна музика. Секој е добредојден како гостин и за време на престојот треба да се вклопи во куќниот ред.

Конакот на Косара

Месното население тврди дека станува збор за многу постар објект. Се претпоставува дека слепченскиот манастир и манастирот Трескавец се најстарите во земјава. Двата потекнуваат од 7 век. Треба да се направи испитување од науката за точно да се утврди од кога датира манастирот, но како сигурен податок се посочува дека ќерката на цар Самуил, мошне побожната Косара, била голем донатор во почетокот на  11 век. Пред битката на Беласица и ослепувањето на војската на Самуил во Водоча, таа дала пари да се изгради големиот западен трикатен конак. Кога неговата војска се повлекувала кон Преспа преку Богомила, се задржала во овој крај. За тоа сведочат двете села со исто име Слепче во прилепско и во демирхисарско.

Тајните ходници кријат историја

Манастирот се споменува како место во кое редовно престојувале Никола Карев и Јордан Пиперката. Таму му било пресудено на кодошот од Прибилци, кој ја предал четата со 17 комити. Кога немал монаси, манастирот имал леарница за оружје. Дека ова место има бурна историја сведочат тајните тунели, тесните вртени скали, ходниците и собите што се кријат во старото запалено здание. Ѕидовите се подебели од 1,5 метри, а куполите од црквата не се гледаат однадвор. Тајните премини и простории ги пронашле сегашните монаси кога ја расчистувале фурната. Сакале да видат што се крие зад многуте интервенции на ѕидовите од различни времиња. Внатре е влезот во скривницата во визбата од каде што имало и таен излез од манастирот преку кој безбедно можело да се излезе во блиската шума. По неколку века, овој пат е прекинат поради невнимание кога се пробивал сегашниот асфалтиран пат.

Loading