ЕДНОГЛАСНО НЕ ЗА БУГАРСКИОТ ДОГОВОР

Членовите на литературното  Друштво „Григор Прличев” од Австралија

20170728 211046

Македонците од Австралија не го прифаќаат потпишувањето на самоуништувачки договор со Бугарија. Членовите на Литературното друштво „Григор Прличев”, потпишувањето на таканаречениот Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, не го поддржуваат, бидејќи сметаат дека е штетен за македонскиот национален интерес. Донесоа и резолуција за заштита на македонската нација.

Dushan RistevskiНа илинденската средба, се одржа и дебата за последните случувања во Македонија, посебно за нацрт-договорот на Македонија со Бугарија. Се водеше бурна и бујна дискусија за тоа како во минатото така и сега политичките структури во Македонија потпишуваат договори и повелби со кои само се отстапува од македонскиот национален интерес и се става во прашање интегритетот на македонската нација. Како пример се изнесе Рамковиот договор со кој им се даде право на албанските терористи да станат дел од македонскиот парламент; се направи отстапка со македонското национално знаме во корист на Грција, а со тоа ништо не се доби само се наметна спорот за името. Повторно се сретнуваат старите поробувачи на Македонија – партнери за исто злосторство: Бугарија, Грција, Србија како и новиот партнер Албанија да кројат нови „аршини” за тотално уништување на македонската држава. Бугарија го следи патот на Грција – повторно се уценува Македонија за влез во ЕУ и НАТО.

Членовите остро го осудија нацрт-договорот, без да се навлегува во детали на затскриените намери на Бугарија кои никогаш не биле јасни и пријателско настроени кон Македонците и Македонија, јасно се гледа дека не се почитуваат македонскиот јазик, македонската нација, а најмалку се почитува македонското малцинство во поробениот Пирински дел на Македонија.

По повод македонскиот национален празник Илинден, најсветлиот датум на македонската историја, со едно минутно молчење, им се оддаде почит на паднатите Илинденци, се изнесе важноста на Илинденското востание во борбата на македонскиот народ за самостојност од Турската империја, а посебно за формирање на својата државна.

По повод Илинден, со своја поезија настапија поетите Марија Александрова, Иван Трпоски, Перо Дамчевски – Коцин,  Димче Џајкоски и Душан Ристевски.

Македонците во Австралија едногласно упатија апел до сите Македонци каде и да живеат и оние  кои живеат во поробените делови на Македонија, да застанат во заштита и одбрана на македонскиот јазик, македонската историја, идентитетот и култура.

Душан Ристевски

Резолуција:

Ние, членовите на Литературното друштво „Григор Прличев” и Македонците од Австралија, потпишувањето на таканаречениот Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија не го поддржуваме, бидејќи сметаме дека е штетен за македонскиот национален интерес. Резолуцијата се темели на главните начела на нашата организација за заштита на македонските национални интереси во светот. Ја повикуваме македонската јавност и Владата на Македонија целосно да ги разгледа можните последици од потпишувањето, бидејќи тој претставува капитулација и самоуништување на македонската нација. Потпишувањето на Договорот бара да се откажеме од грижата за македонското национално малцинство во Бугарија и да заборавиме на паднатите херои на кои им се омаловажува борбата за самостојност, обединување и ослободување од фашистичка Бугарија. Низ историјата, Бугарија секогаш настојувала да не пороби и уништи, а таа политика продолжува и денес и да се запрашаме која е целта на бугарските историчари кои се толку многу „загрижени” за „заедничката историја” па бараат посебна одредба во Договорот.

Доколку Бугарија сака да има добрососедство тогаш како прв нивни чекор треба да биде признавање и почитувањата правата на Македонците во поробениот дел на Пиринска Македонија и да нé поддржи, а да нé не уценува за влез во ЕУ и НАТО.

 

Loading