СЕ ЗАОКРУЖУВА ХРАМОТ СВ. ПЕТКА

Поставен и осветен камен темелник за црковна административна зграда и трпезарија

 MG 7420

Во црквата Св. Петка во Точила на христијанскиот празник Св. Апостоли Петар и Павле, се постави и освети камен темелник за црковна административна зграда и трпезарија, со канцеларија за едукација и развој на манастирскиот туризам. Осветувањето го изврши Митрополитот Преспанско пелагониски и администратор австралиско – новозеландски, Г. Петар, во сослжение со свештенштвото од прилепското архиерејско намесништво.

Градоначалникот Марјан Ристески изрази благодарност до граѓаните, фирмите, поединци, стопанственици и добронамерници кои помогнаа да се изгради храмот со надеж дека верниците ќе помогнат да се оконча црковниот комплекс.

 MG 7611

– Со камен темелникот на административната зграда и трпезаријата се заокружува црковниот комплекс во Точила. Предвидени се повеќе содржини, трпезарија, административен дел за свештенослужителите и едукативен центар за развој на манастирскиот туризам. Општината, заедно со МПЦ и Министерството за култура, со години вложуваат огромни напори за истакнување и промовирање на најубавото што го има овој предел, манастирите и црквите. Центарот ќе го развива тој туризам – рече Ристески.

Објектот ќе се распространува на 240 м2. со што ќе се заокружи комплетниот простор на  црквата Св. Петка во Точила. 

За празникот, хорот Светка Петка, под диригентство на Гоце Секулоски, промовира ДВД за развој на духовниот туризам, под наслов „Крепост и Достолепие македонски” со 10 прилепски цркви и манастири,  прво од ваков тип.

 MG 7492

Храмот Св. Петка беше осветен според христијанските канони, со сите црковни обреди, но уште се гради, доградува, уредува, како внатрешно така и надворешно. Изградбата почна на иницијатива на граѓаните и градоначалникот со средства донирани од граѓаните и разни донатори, бизнис секторот. Локалната самоуправа, од прилози на добронамерниците и организирани неколку донаторски конференции и музичко – спортски настани, градбата ја претвори во велелепен храм, што е гордост за сите прилепчани.

Loading