Општата болница
Современа здравствена установа стана општата болница „Борка Талески” , која ги има потребните услови за квалитетна здравствена грижа. Минатите две години направена е темелна реконструкција која не се случила од пуштањето во употреба во 1980 година. Реконструирани се болничките одделенија, набавена е и современа медицинска опрема: 4 ехо апарати, оперативни светла во сите операциони сали, оперативни столови, мамограф, 10 пациент монитори, комплетно нова опрема за одделението за физикална медицина, нови јоги за сите болнички легла, апарат за анестезија, ЕКГ апарати, дефибрилатори…
– Реконструктивниот зафат на болничките одделенија опфаќаше комплетна реконструкција на подни и тавански површини, комплетна реконструкција на внатрешна и надворешна дограма, набавени се и нови униформи за вработените, комплетно се реконструирани и тоалетите, во поголемите соби во повеќето одделенија купатилата се опремени и со туш кабини. Установата претставува здравстевена установа со европски вредности – вели Петар Ристески, директорот на болницата.
Градоначалникот Марјан Ристески смета дека болницата во минатиот период била руинирана. Преку заложбите на Локалната самоуправа и менаџерскиот тим, болницата е трансформирана во еминентна установа.
– Претходното Министерство за здравство, општината и здравствените домови многу вложија во осовременување на објектите, набавување на нови апарати и возила. Со инвестиција од 1,5 милион евра се реконструира болницата, со 600 000 евра беше реконструиран Уредот, а Центарот за јавно здравје со неколку стотини илјади евра беше реконструиран. Се комплетира болница. Сменета е сликата на здравствената установа. Пациенти веќе добиваат подобри здравствени услуги – изјави Ристески.
Интерното одделение е комплетно реновирано. Има 50 вработени
– Останува проблемот со дефицитарноста на лекарите. Доколку се упатат шесмината лекари на специјализација со плус тројца лекари кои специјализираат, Прилеп ќе обезбедува интерна заштита во наредните 30 години без потреси. Наредните вработувања ќе се насочат кон одделенијата каде се потребни нови вработувања – вели Трајче Ржаникоски, раководителот на Интерното одделение.
Болницата нуди здравствени услуги на повеќе од 200.000 пациенти годишно.