КАРПИТЕ ГОВОРАТ ЗА КУЛТНОТО МИНАТО

Фрескоживопис на камен

Околу Прилеп се забележани десетина камени сведоштва

Бројката е сигурно поголема со оние во мариово

Ostavena skriena freska na kamen kaj  Sv. Arahangel Mihail

Минатото оставило траги на карпите. Фрескоживописот на карпи е интересна појава карактеристична за прилепско. Околината богата е со остатоци од фрески. Се забележуваат десетици, а бројката е многу поголема со оние во Мариово.

Наши луѓе и странци се воодушевуваат, прашувајќи се дали се прогласени за споменици на културата и ако не се зошто не се. Карпите со фрескоживопис се ретка. Доколку се чепне подлабоко во историјата и се истражи времето кога тие се создавани, ќе се открие причината за нивното заживување, какви биле луѓето тогаш, каков им бил животот и уште бројни прашања кои расветлуваат еден сегмент од историјата.

– Најчесто насликан е светецот на црквата што го носи името или името на манастирскиот комплекс. Немаат посебна уметничка вредност зашто се подложни на атмосферски влијанија. Оставени се на милост и немилост на времето, без заштита и внимание. Институциите не се зазеле да ги обележат, заштитат и реставрираат – велат стручнаци.

Најблиска е фреската под манастирот Архангел Михаил. Траги од христијански фрескоживопис има во близина на Слонот. Фреската на Богородица со Исус “зборува” од карпата која се наоѓа под Бела чешма на патот за Трескавец. На 150 метри од манастирот од доминира карпа со остатоци од фрескоживопис. Пред селото Дабница се издигнала пет-шест метри нагоре и се раширила на околу 7-8 метри карпа наречена црква, која дабничани ја нарекуваат Свети Архангел, по насликаниот светец. Пред комунизмот се собирале селаните, палеле свеќи, разговарале, правеле помен за мртвите, одржувале обичаи кои се правеле в црква.

Тренчо Димитриоски во книгата “Древна цивилизација” раскажува приказна дека во комунизмот некој човек, кој бил неверник, пукал во насликаниот живопис на карпата. Потоа ослепел и умрел. Покрај карпата т.н. црква, имало остатоци од гробови од древни времиња. Карпата се третирала како црковен објект од античкиот период.

Под селото Селце се наоѓа карпа третирана како христијанско светилиште. Во природни длабнатини насликани се фрескоживописи на Св. Димитрија и на “Св. Никола”. Објектот е ограден со камен. Култен. Асоцира на пештерски, правени со длабење на простории во карпа.

Фрескоживописи се забележани под манастирот во Зрзе. На карпите имало значајни фрески од некогашните монашки ќелии. Во Мариово се откриени кај селото Зовиќ. Има фреска на Богородица со Исус кај Црна Река во месноста Светецот.

Насликаните фрески, ликовите кои зборуваат од карпите се уште се свежи и не умираат. Времето можеби ќе ги “расплаче” или ќе им ја “уништи облеката” и ликот, но тие не се предаваат. Религиозната содржина, “ѕирка”, и цврсто се “држат” за камените  подлоги.

Loading