ФАСАДАТА Е КРУНА НА ГРАДБАТА

Fasadata  slag na torta - Damjan SekuloskiСтружанец – фасадер

„Фасадата е огледало на карактерот на газдата“. Вака велат некои мајстори во градежништвото. За завршницата на градбата на станбените и деловните објекти, од фирмата Стружанец – фасадер гледаат малку поинаку со оглед на условите за градба. Сметаат дека на инвеститорите некогаш лицето на објектот не им е првостепен, бидејќи се финансиски исцрпени, па финалето или шлагот на тортата го оставаат за подобри времиња.

За да изгледа куќата грандиозно и обезбедна од атмосверски влијанија, па и да биде термички заштитена за заштеда на енергија се грижи со децении специјалистот со фасадерска рака, Дамјан Секулоски. Тој ја прави круната на градбата – фасадата. Затоа често е подизведувач на градежни фирми. Соработува со години со Уникат градба.    

– Сите инвеститори се домаќини. Аспирираат да имаат впечатливо и заштитено лице на својот дом или на деловниот простор. Поради тесните можности, некои ја оставаат фасадата да ја окончаат градбата по финансиското закрепнување, оти се оптоварени со други приоритети. Сепак се стегаат и, такаречи, во градов ретки се објектите без фасада подолго време, освен постарите или некои напуштени објекти – кажува Секулоски.

Објаснува дека лицето на објекот е фасадата не само заради надворешниот изглед, туку и за трајност.

– Материјалите што се вградуваат се експлоатираат многу години, оти се пластифицирати и отпорни. Не се вечни, но трајноста зависи и од мајсторилакот. Материјалите овозможуваат речиси комплетна изолација и полесно изведување на комплицирани архитектонски решенија. Важна е  раката, дарот на фасадерот, односно на карактерот на мајсторот. Ако не го бидува, нема голем ефект од неговиот труд. Рабовите да бидат прави под конец, нужно е искуство, внимателност, прецизност. посветеност. Оваа работа е помалку креативна, уметничка. Таа го изразува дарот или генетскиот код на мајсторот. Накусо, на екстериерот на објектот му се пријдува со љубов, со мерак за да се направи тк-м-тк. Кога првпат ќе ја види изведбата, инвеститорот се воодушевува и останува без зборови. Сето тоа треба да трае со децении, никаде да не распука или да се препознава изолацијата и да биде отпорна при пекол-сонце и на кочан-зима – кажува Секулоски.

Со вработените малтерисуваат и ентериери, глетуваат внатрешни ѕидови и тавани, некогаш постилаат кошулки на подовите дотерани под вагрес. На барање на муштериите поставува и абрихт. Преферира природни материјали – песок, вар и цемент, оти смета дека се потрајни, без ризик од влијание на хемијата на корисниците. Оценува дека рачното малтерисување со мистрија и пердашка, со фаши и мастер, е поквалитетно, оти се истиснува воздухот и малтерот се лепи, што не може да го постигне пумпата. 

– Со сериозен пристап, со самоконтрола, па и со чувство да не се чуручи занаетот, се дотерува внатрешноста да биде рамна. Повеќепати ќе се вратиме на некој сомнителен дел, само да се постигне речиси совршенство. Со квалитет се успева. Лесно се открива површноста и импровизациите. Инвеститорот не може да биде доведен во заблуда или да се поигрува со стекнатата доверба за квалитет, создавана со години. Без разлика што цените се ниски, кога ќе се постигне договор за квалитет и рокови, нема мрдање. Тоа е мојот стил на работа кој води напред – кажува Секулоски.

Од дете е во занаетот. Симболично кажно, душата му мириса на малтер. Рецептот за чесност го стекнал од татко си и од дедо си по мајка, кој потекнувал од вевчанско, каде има вековна неимарска традиција. Зад себе има четири децении стаж во градежништвото, работејќи за Дримкол, потоа во Русија, Украина, Хрватска, Србија, Грција. 

Loading