БИЕНО СИРЕЊЕ ПО ТАТКОВ РЕЦЕПТ

Млекарница Софија

Sirenjeto go prvat sest rabotnici

Како од старата работилница, само многу побрзо и поквалитетно, млекото се претвора во биеното сирење и другата трвда млечна програма во новиот објект со модерна технологија на млекарницата Софија на Рубин и Верче Илиески. Јаве им стана сонот, семејниот биснис да го направат индустриско производство. Секојдневно стотици литри млеко се преработуваат во бело и биено сирење, посакувано на трпезите не само во земјава, туку и во странство. Рецептот на подготовката, Рубин го наследил од татко му Ванчо, кој ги поставил темелите на домашната работилница. Наследникот го осовременил и го надградил бизнисот со изградба на модерна мандра во стакло и мермер на челната фасада. Во заднината на објектот блеска инокс технологијата за производство на сирење кое го мезат и нашинци во Австралија, Европа, Америка и Турција. Не можат да му одолеат на вкусот и граѓаните од земјава. Затоа млекарницата на Илиески испорачува стотици килограми низ земјава.

-Млекото се откупува од сточари од селата и се носи во млекарницата. Се проверува во нашата лабораторија. За еден килограм биено сирење потребни се 10 литри од белата течност. Мајсторилакот не се открива. Тој е семејна тајна, рецепт на татко ми. Го чуваме како семејна амајлија. Најважен е квалитетот на млекото, маслените единци, сувите материи… Со добар материјал се прави одличен производ – вели Рубин.

Биеното сирење со воздушни дупки, солено и недозреано, меко бело како снег, кај човека предизвикува глад, иако станал од трепеза, но пак може да изеде уште еден сомун леб. Мискојна се шири од млекарницата од исечените парчиња или од просторијата за зреење – ферментација.

-Веќе седум месеци сме во новиот објект. Внимателно ја кроиме иднината која зависи од денешнината. Развојот е поврзан со пазарот. Цената на млекото ја диктира цената на сирењето. Ние сме дел од синџирот. Млекото не е евтино, а со тоа и сирењето. Се прилагодуваме на џебот на потрошувачите, но без да се скуси на квалиетот – објаснува  Илиески.

Не сака да зборуваат со бројки. Вели скромно дека засега е задоволен од досегашниот тек на бизнисот. Реагира што државата не му помогнала со олеснителни околности. Се обидел да конкурира за државни средства за поттикнување на малите фирми, но не успеал. Ниту за вработените не ги искористил дел од бенефициите.   

-За објектот ја платив струјата, водата, комуналиите, нивата, изградбата и опремата во млекарницата. Сé со сопствени средства  повеќе години. А доаѓаат големи фирми на готови комуналии, патишта, струја, вода, ослободувања од придонеси… Но, тоа е, си го терам мојот дел – вели Илиески.

Тој се чуди зошто не е преземена постапка за заштита и брендирање на прилепското биено сирење, оти во меѓувреме може да се случи некоја друга земја да го патентира како што беше со ајварот со што ќе може да се ивезува и да стане препознатлив знак за Прилеп и Македонија. 

Loading