СЕ ОТВОРААТ ИЛЈАДНИЦИ НОВИ РАБОТНИ МЕСТА

Странски инвестиции

– Американци, Германци, Грци градат во Алинци, Барбарас и Крушево        

Genterm se doblizuva do poln kapaciet

Во технолошко – индустриската развојна зона Алинци  наскоро ќе никне уште еден објект на американската компанија Гентерм. Наместо иницијалниот план за изградба на полниот капацитет на фабриката до крајот на 2018 година, компанијата ќе го заврши целиот проект до крајот на 2017 година. Според менаџментот на Гентерм Македонија, компанијата ќе го почне со проширување на постојниот капацитет пролетва. Станува збор за нова хала од 12.000 м2. Таа ќе придонесе компанијата да го достигне полниот капацитет од 22.000 м2. и целиот проект да се заокружи до крајот на годинава или во почетокот на 2018 година. Инаку, во Гентерм веќе работат 800 работници, а со проширувањето се очекува да се ангажираат до 2000 луѓе.

И германската компанија Акомпласт финишира со градбата на својата фабрика во Алинци. Таму ќе се ангажираат 250 лица. Пролетва се очекува да се активира уште една странска инвестиција. Темел за хала од 1000 м2 ќе стави германската реномирана фирма за производство на апарати за домаќинство, ВИГ. Таа е проектирана да се заврши до крајот на годинава. Германците планираат да ангажираат 1000 работници. Глобалната компанија со погони во Кина и Индонезија ќе изработува апарати за домаќинството за извоз на европскиот пазар.

Во индустриската зона Прилеп 1 – Металец, продадени се сите локации. Изградени се 5 објекти кои започнуваат со производство, а другите се во тек на градба. Само во зоната Металец ќе се вработат 2000 лица. Во индустриската зона Прилеп 2 веќе се продадени 5 парцели, а уште 7 ќе се понудат на продажба со што ќе се обезбедат услови за вработување уште на 1000 лица.

И кај соседните општини се активираат инвестиции. Во индустриската зона во Крушево, грчката компанија за откуп на тутун, Секе, инвестира во погон за преработка на тутун. Компанијата веќе купи земјиште во зоната и привршуваат со проектите. До крајот на март ќе почне градбата, при што ќе инвестираат пет милиони евра. Со финализирање на бизнис планот ќе се обезбедат 300 работни места да се откупуваат годишно повеќе од 4000 тони тутун. Инвестицијата е значајна, оти е и поддршка на тутунарите за повисоки цени и сигурен пласман. Паралелно ќе се отвори можност за заживување и економски развој на Крушево и на прилепскиот регион.

На превојот Барбарас, на патот Прилеп – Македонски Брод, Американци ќе градат фабрика за оружје, муниција и опрема. Компанијата Броудстоун Дифенс официјално го означи почетокот на инвестицијата вредна пет милиони долари. На 10 хектари е предвидено да има пет хали за производство, една административна зграда и дел за складирање. Реализацијата на проектот треба да заврши до мај  годинава кога ќе стартува и тест­производството, а редовното производство се очекува од јули 2017. Вработени ќе бидат повеќе од 200 лица.

Компанијата Броудстоун Дифенс разгледувала повеќе локации за фабриката, но според основачот Денис Прат, ја одбрала Македонија поради одличната геостратегиска положба и поволната бизнис клима.

Бенефит за Македонија е што компанијата ќе трансферира најсовремена технологија од каде американската војска и земјите членки на НАТО ќе се снабдуваат со муниција и лично наоружување. Македонија ќе добие најсовремен производствен погон за муниција и лично наоружување според стандардите на НАТО. Проектот ќе го финансираат САД и со него ќе има производител за муниција на територијата на Македонија. Дел од производството ќе го користи и АРМ, ако се покаже дека за тоа има потреба.

Фабриката за муниција е прва од неколкуте проекти што Броудстоун Дифенс ги планира во Македонија.

Американците веќе имаат договори за извоз во следните неколку години.

Loading