ВЕТЕНО – СТОРЕНО

Интервју со градоначалникот Марјан Ристески

Otcetot e odgovornost pred pred graganite - Marjan Risteski

Градоначалникот Марјан Ристески вообичаено се отчитува пред граѓаните секоја година, а на крајот на мандатот и за последните четири години. Според него, Општината Прилеп заедно со Владата продолжија со реализација на новите проекти од ветената програма кои значат подобрување на квалитетот на живеење на сите граѓани со заедничка цел да се направи попросперитетен, економски подобар и поуреден град. Во тој контекст во текот на 2016 година како и во минатото, акцентот е ставен на развојот на економијата и на отворањето на нови работни места.

И што ќе нагласите во овој домен?

Во 2016-та година се изгради комплетно инфраструктурата во слободната економска зона – ТИРЗ Прилеп, инвестиција на Дирекцијата за технолошко индустриски зони и Владата, тешка 147.6 милиони денари. Се изградија асфалтни улици, се постави водоводна и канализациона мрежа, се донесе електрична енергија, оптички кабли за интернет и сé што е потребно за нормално функционирање на зоната. Почна со работа на мултинационалната компанија, американскиот гигант во автомобилската индустрија Гентерм. Инвестицијата е 20 милиони евра. Во моментот работат над 800 работници. Покрај него се изгради и објектот на германската компанија Акомпласт, која наскоро треба да почне со работа. Инвестицијата е 3 милиони евра. Се очекуваат над 150 вработувања. Финишираат преговорите уште со две нови мултинационални компании кои покажуваат интерес за инвестирање.

Локалната самоуправа самостојно вложува во инфраструктурата на индустриската зона Прилеп 1?

Се изгради поголем дел од инфраструктурата во индустриската зона Прилеп 1 со 27 милиони денари на локалната самоуправа и со грант од 124 илјади евра од Светската банка. Претходно беа продадени 21 локација. Веќе работат две компании, а уште десетина се во градба. Се очекува да најдат работни места околу 1.000 невработени. Во овој контекст изработен е новиот ДУП за индустриската зона Прилеп 2. Веќе се продадени 5 локации, од 14, за помали економски капацитети (стоваришта и мало стопанство). Тие ќе овозможат нови вработувања.Продажбата на локациите продолжи и во 2017 година. Ака лани се отворија околу 1.000 нови работни места.

Во која насока ќе се движи подготовката уште на поповолен амбиент за стопанствениците?

Лани почна имплементацијата на измените и дополнувањата на генералниот урбанистички план со што опфатот на градот е зголемен за 388 хектари. Со новиот ГУП се обезбедени поголеми површини во зоните за домување и индустријата за да се згоголеми развојната урбанизација на Прилеп според потребите на граѓаните и бизнис секторот. Во тие рамки е и процесот на легализација. Прилеп остана лидер во легализацијата на дивоградбите со озаконети над 9.000 објекти. Само во 2016 година тапија добија над 1.000  објекти. Во соработка со Владата и Министерството за транспорт и врски градбата на капиталната инвестиција – експресниот пат Градско – Прилеп долг 33,5 км. Инвестицијата е околу 80 милиони евра.

Не стивнува грижата за градската и локалната патна инфраструктура?

Лани се асфалтирани 12 км улици, општински и државни патишта меѓу кои позначајни се патот до селото Волково, комплетната реконструкција на стариот пат за Битола до Тополчани како и голем број на улици во градот и населените места.

И во комуналната сфера не се мирува?

Се изгради парк-плоштадот во селото Големо Коњари, се реконструираше ул. ,,Републиканска,, заедно со цветните патеки во старата чаршија, се изгради плоштад пред црквата Св. Петка и почна уредувањето на просторот пред џамијата во Тризла.  Во тек е градбата на таканаречениот музички парк. Во 2016 година се изградени вкупно 3.350 м2 плоштадни површини и се изградени нови 17.000 м2 парковски површини во Бончејца, Точила 2, Под Касарни, во селото Ново Лагово. Уредени се и дворовите во СОУ ,,Ѓорче Петров,, и во ОУ ,,Добре Јованоски,,

Темнината одамна е минато на Прилеп ноќе?

Градот е осветлен за малку средства со штедливите светилки. Паралелно е поставено ново улично осветлување на улиците: ,,11 Октомври,, дел во градинката во Тризла, ул. ,,Архимедова,,, ул. ,,Александар Македонски,, ул. ,,Тетовска,, потоа ,,Цане Кузманоски,, па ,,Ило Попадинец,, ул. ,,Београдска,, ул. ,,Трајко Николоски,,, околу зградите во Вишне, на ул. ,,Наум Наумоски – Борче,, во вкупна вредност од 3,2 милиони денари.

По многу години градот доби и нов мост?

Новиот пешачки мост им е добредојден на граѓаните од Ѓордере, децата полесно и побезбедно да стигнат до ОУ ,,Кире Гаврилоски – Јане,,. Инвестицијата е 1,6 милиони денари. Реконструиран е мостот кај ОУ ,,Кочо Рацин,, кој доби нова ограда, канделабри и пешачки патеки.

И други делови од градот се побезбедни?

Инвестирани се 3 милиони денари во потпорни ѕидови на ул. ,,Преспанска,, ,,Илија Игески,, ,,Александар Македонски,, и ,,Ило Полутешка,,. Набавени се 305 табли за означување на улици и 1.960 табли за нумерирање на објектите.

Градот е градилиште поради реконструкцијата на водоводната и канализациската мрежа?

Продолжи реконструкцијата на водоводната и канализационата мрежа со сопствени средства од ЈКП Водовод и канализација (В и К). Првпат се изгради ново корито во горниот тек на градската река во должина од 700 метри. Тоа е инвестиција од 300 илјади евра, пари што се дел од првата фаза на замената на канализационата мрежа. Се извадија 20.000 м3 земја во долниот тек на градска река во должина од 300 метри. Општината заедно со ЈКП В и К и Прилепско поле исчистија голем број канали и водотеци за заштита од поплави.

Во тек е градбата на капиталниот проект – пречистителната станица?

Со вредност од околу 25 милиони евра, продолжува капиталниот проект, рехабилитација на канализациската мрежа и изградба на пречистителната станица. Лани, како дел, беа заменети 23 км. примарна канализациона мрежа – главни колектори во повеќе делови од градот, а се изградија и повеќе километри канализациона мрежа од втората фаза.

Градот останува носечки во одржување на хигиената, а градскиот се доближува до физиономијата на европските?               

ЈКП Комуналец подели нови 2.800 канти за примарна селекција на отпадот на 1.400 домаќинства. Заврши трета фаза од допокривањето на пазарот со што тој доби современ лик. Покрив има уште на 800 м2, за што се вложени 4 милиони денари од Центарот за Пелагониски плански регион.

Секогаш на прв план е образованието?

Во образованието инвестиравме еден милион евра во следните проекти: нова спортска сала во ОУ ,,Добре Јованоски,,, целосна реконструкција на СОУ ,,Кузман Јосифоски – Питу,, гиманзијата ,,Мирче Ацев,, доби ново тениско игралиште, ОУ ,,Блаже Конески,, доби комплетно нова надворешна дограма, се реконструираа санитарните јазли и електричната мрежа во ОУ ,,Рампо Левката,, се реконструираше училницата во училиштето во селото Селце. Се реконструираше и ПУ ,,Кирил и Методиј,, во селото Подмол. Нови санитарни јазли доби и ПУ ,,Страшо Пинџур,, Кадино Село, комплетно се реновираше музичкото училиште и се набави нов клавир. Старото училиште ,,Кочо Рацин,, на Рид доби ново дворно место.

И предучилишните установи се дотераа по години.

Ги проширивме капацитетите на градинките за над 100 места. Се отвори градинката во Работнички универзитет. Отворивме две нови во селата Канатларци и Беровци. Наскоро ќе биде отворена градинката во Големо Коњари.

На полето за здравството е направена темелна реконструкција на Болницата после речиси четири децении. Не се мали ниту вложувањата во останатите здравствени установи?

Комплетно е реконструирана општата болница ,,Борка Талески,, во соработка со Министерството за здравство. Проектот изнесуваше 70 милиони денари, во кој се вклучени набавки на современи медицински апарати. Бројни инвестиции се направија и во Здравствениот дом и во Центарот за јавно здравје.

Не затајува ниту грижата за возрасните од третото доба?

Се продолжи договорот со домот за стари лица ,,Киро Крстески – Платник, за проектот ,,Супер Марио,, со вклучени 13 волонтери кои секој ден се грижат за околу 100 стари и изнемоштени лица.

Обезбеден е покрив над главата за седумдесетина социјално загрозени семејства?

После една деценија Прилеп доби нова социјална зграда. Топлина на свој дом добија 76 семејства од социјално ранливите категории. Изградбата на зградата чинеше 135 милиони денари.

Не се заборавени ниту културно историските вредности?

 Се изгради и освети црквата Св. Пантелејмон, во кругот на општата болница и продолжи градбата на храмотСв. Петка и Св. Наум Охридски. Во соработка со Министерството за култура и Завод и музеј Прилеп се реконструираше манастирот Зрзе, се изгради источниот конак во манастирот Св. Архангел  Михаил – Варош, продолжија зафатите за реконструкција на црквата во манастирот Св. Никола во Мариово. Со силен интензитет се градат опожарените конаци на манастирот Трескавец. Проектот чини 120 милиони денари. Прилепските великани Методија Шаторов – Шарло и Кралот Марко добија споменици. Драстично е пораснат библиотечниот фонд во градската библиотека. Таму се набави нова опрема и компјутери. Установата прерасна во современ мултимедијален центар.

 Во сложени времиња за културата се негуваа, надградија и се организираа нови манифестации?

Продолжии негувањето на манифестациите и фестивалите, како Пивофестот, Џез фестивалот, Карневалот Прочка, театарскиот фестивал ,,Војдан Чернодрински,, фестивалот за народни песни и инструменти ,,Пеце Атанасоски,, Мариовско мегленските средби… кои секоја година носат илјадници посетители.

Прилеп се етаблира како центар на екстремните спортови  во земјава?

Такви се параглајдингот, болдерингот, планинскиот велосипедизам, планинскиот ултра маратон, мото крос трките, трофи со џипови, хаи лаин…

И спортот е во подем?

Продолжи големата поддршка во спортот. Се отвори новата спортска сала во ОУ ,,Добре Јованоски,, и тениското игралиште во Гимназијата ,,Мирче Ацев,,. Продолжува стимулацијата на спортските клубови, особено на ФК Победа и РК Прилеп. Во тој контекст, почна реконструкцијата на градскиот стадион ,,Гоце Делчев,,. Инвестицијата е над 1,5 милиони евра за нови трибини и нов терен. 

Loading