СОНОТ – ПАТОКАЗ ДО БОГА

Манастир Свети великомаченик Георгиј во селото Пашино Рувци

Manastir sred pole

На околу 30 километри од Прилеп, во атарот на селото Пашино Рувци воскликнало божјото здание крстено по Свети Георгиј. Велелепен храм и грандиозни конаци сред поле. Уникатни по својата градба и оргинална идеја за обновување на стариот манастир кој тука мирувал пред четири века.

Слава на манастирот е Ѓурѓовден. Домаќините на Денот чекаат многу гости во божјото пристаниште сред поле лете како море од пченични класје.

Жителите велат дека манастирот привлекува стотици дури илјадници жители од околните села Воѓани, Крушеани, Обршани,  Бучин. Секоја година плива од народ кој се турка да запали свеќа за здравје во црквата, да подари нешто за да биде услишан од Бога.

Дивите насади на багрем и други дрвца со ретчење се претворени во питома ограда да го варди објектот од силните полски ветрови и зиме и лете. И тревата и плевелот се суредени и наликуваат на бел или зелен тепих во зависност од годишното време .

Sonot go pretvoril vo Jave - Zivko KocoskiМанастир сред Црквиште

Божјиот татнеж од дното на душата ги размрдал ѕидовите на решителното срце на нашинецот Живко Кочоски, кој повеќе од 30 години живее во Њу Џерси. Тој е од село Рувци. Заедно со добрите намерници, со нашите низ светот, преку несебичната парична помош и со силна верба во Бога, како да сакаат да ги достигнат врвовите на божјите “планини” во ова рамно место како тепсија, наречено Црквиште.

Спокојниот пејсаж е надополнет со чиста, јасна идеја со строга прецизност вградена во градбите. Дури и млади фиданки и раскошни млади крошни се наредени под конец. Амбиентот освојува. Срцето се кроти. Убавината маѓепсува. Се чувствува блаженство и необична таинственост.

Се прашувате: Кој ли вложил над сто илјади долари во манастирските објекти? Двапати повеќе дополнително за доградба и да се суреди ентериерот. Има ли цена големината на љубовта и вербата во Бога?

Се гради по инструкции на светците

На недопреното место детално се осмислил и се извишил храм кој краде воздишка, но и нешто што клокоти од дамнина да се покаже дека не сме народ без корен! Визионери го следат сонот – божјиот глас и патоказ…

– На сон се покажаа предметите кои ќе ги најдеме. Сонував каде да бидат темелите, каков да биде пресекот на црквата и формата. Крст, светена кутија, а на метар и половина најдовме трпеза, како онаа од тајната вечера и многу други предмети. Сé оставивме на исто место. Ќе правиме онака како што ќе ми кажат светците на сон – вели Живко, кој мештаните и верниците го почитуваат и убедени се во она што го кажува, зашто сé што рекол за манастирот било така.

Postepeno se kiti oltarot

Манастирот е современа градба во форма на крст. Го одржува клисар. Откриен е 1991 година, а осветен 1993 година.

– На темелите на стариот манастир подигнавме нов со иконостас и скромни икони. Фреските се работат според можностите. Конаците имаа десетици соба, со огромна сала, рецепција. Во подигнатиот дел на едниот конак има 36 соби Планираме да доградиме уште педесетина соби да се сторат 101. Со ниет сме да се крене штала за добиток. Сакаме манастирскиот комплекс да функционира како економат, со свое производство и домаќинлак – кажува Живко Кочоски, кој секогаш е тука за славата на манастирот Ѓурѓовден.

Бројот 101, мештаните велат дека бил симбол на доларите кои на сон Живко им ги броел на светците. Броел сто и некој долар. Во конакот се очекува да се вгради фреска на Богородица со рацете нагоре, која во иднина ќе лечи.

 Дворот во манастирскиот комплекс е послан со зелен килим, од кој мискојна мириса свежо искосената трева. Слободно може да се опуштите во декорот каде царува хармонија исткаена од чисто спокојство и величенствен мир. На три страни во специјално направени корита со пумпи за вода, жуборат свето неделската, петочната, средоречна вода. Луѓето виделе добро и си ја земаат за лек.

Свети Георгиј верен до крај, на едниот Бог

Свето Великомаченик Георгиј бил храбар војник на Царската војска. Силно верувал во Бог и христијанството. Поради тоа го разлутил царот кој го измачувал врзан за тркало со раширени раце и нозе, а тркалото го движеле по штица искована со шајки.Тие кинеле парчиња од живото тело.

Нозете му ги ставиле во огромни усвитени ковани чизми и на крај телото му го ставиле во неизгасната вар. Царицата попуштила пред маките на маченикот  и го бранела. Разгневениот цар наредил двајцата да се убијат.

Loading