СЕ ОБЛОЖУВАМ, КЛАДИМ СЕ, БАСИРАМ СЕ

ivce1Многу народни приказни по нашиве телевизии. На сите. И, речиси се потрошија приказните. Се потроши Цепенков. Почнаа да се измислуаат нови. Гледавме пред извесно време една таква емисија на Телевизија Сител. Шпицата се движеше доста брзо, неможевме се да прочитаме. Забележавме само тоа дека автор на сценариото била извесна – Коцевска. Не и го запаметивме името. Упатуваме сериозна критика спрема неа и спрема сите учесници во приказната. Го вклучуваме тука и лекторот. Претпоставуваме дека го има. Ако го нема, критиката ќе биде уште поостра.

За што станува збор? Главни личности во приказната се двајца пријатели и нивните сопруги. Како што бидува обично во приказните, пријателите имале некаква мана, многу сакале да се КЛАДАТ. На таков начин губеле многу пари. Не е многу важна приказната, ниту пак е многу интересна. Она што е најважно и најнеоправдано е употребата на зборот КЛАДЕЊЕ. Се употребува и ОПКЛАДУВАЊЕ. Зар никој од гореспоменатите личности не знае дека македонскиот збор е ОБЛОЖУВАЊЕ. Среќна околност е (барем во Прилеп) што порано напишаните фирми од КЛАДИЛНИЦИТЕ, сега се поправени и пишува ОБЛОЖУВАЛНИЦИ. Зар не е срамота за телевизиската куќа, за уредникот, за лекторот, за учесниците и посебно за сценаристот? Во приказната, безброј пати се употребуваат зборовите ОПКЛАДА, ОПКЛАДУВАЊЕ, КЛАДЕЊЕ. Значи, не станува збор за случајна грешка. Станува збор за незнаење и срамна негрижа.

За овој збор (КЛАДЕЊЕ) сме се изјаснувале и порано. Сме спореле и со поединци и во приватни разговори. Дури и еден пријател (просветен работник) упорно стои на ставот дека треба да се вели ОПКЛАДА (КЛАДЕЊЕ), бидејќи тоа ОБЛОЖУВАЊЕТО му прилегало на бугарско.

Па еве, да го расчистиме и тоа. Пријателот нема право. Бугарите, кога сакаат да речат дека се ОБЛОЖУВААТ, велат – ОБЗАЛАГАМ СЕ или БАСИРАМ СЕ. Кога сакаат да се обложуваат, тие велат – АЈ НА БАС. Случајно, еве ги знаеме тие изрази во бугарскиот јазик. Значи глаголот СЕ ОБЛОЖУВАМ и глаголската именка ОБЛОЖУВАЊЕ немаат никаква врска со бугарскиот јазик. А пак, глаголот СЕ КЛАДАМ нема никаква врска со македонскиот. Тоа си е српски збор.

На споменатата телевизија видовме и една друга емисија. Божем, комедија требало да биде тоа. Еј, што се не слушнавме. Не можевме се да забележиме, ќе го приведеме само она што успеавме. Еве една реченица: “Болја пита од оваа праеше само баба ми“. Нема потреба да ја коментираме придавката – БОЛЈА. Слушаме – ПЛАВИ очи, наместо СИНИ очи. Слушаме збор – ЦЕПИДЛАЧЕЊЕ, наместо СИТНИЧАРЕЊЕ. Замислете, актерот изговара реплика – “Внатрешна лепота“. Грд му е нашиот збор – УБАВИНА или КРАСОТА. “Многу ми е сумлив“ вели еден од актерите. А, зошто не СОМНИТЕЛЕН. Потоа слушаме – “Поклон за роденден“. Нашиот збор е ПОДАРОК. ПОКЛОН значи кога некој се поклонува пред некого или пред нешто. Кога ќе заврши театарската претстава актерите се ПОКЛОНУВААТ пред публиката. А многумина ги занемаруваат и зборовите АКТЕР и АКТЕРСКА игра. Упорно се форсираат ГЛУМЕЦ и ГЛУМА. И во споменатата емисија безброј пати го слушнавме зборот ГЛУМА. А тоа си е само АКТЕРСКА игра. Во определени моменти може и само – ИГРА. Тоа е ИГРА, па дури и ИЗИГРУВАЊЕ, во некои случаи. ГЛУМА и ГЛУМЦИ – никако.

Но, ете! Преку Скопје, насекаде во Македонија. Страшна контаминација врши скопскиот жаргон врз македонскиот јазик. 

Loading