ИСТОРИСКИ ЧАС ЗА ХЕРОИТЕ

Vo cest na Denot na makedonskata revolucionerna borba

Три историски обележја, посетија гимназијалците за празникот 23 Октомври. Учениците од втора година, под водство на професорот по историја Николче Богданоски, директорот на Гимназијата, Кире Николоски и професорката Маријана Спиркоска, најпрвин, во Кадино Село, го посетија гробот на револуционерот Методија Патчев. Таму ученичката Стефанија Стефаноска во кратки црти ги запозна присутните со создавањето, целите на Македонската револуционерна организација (МРО), почетоците на организираната форма на борба за слобода и создавање на македонска држава и со значењето на празникот. Потоа беше положено свежо цвеќе на вечното почивалиште на Патчев за чиј живот и револуционерна дејност реферат прочита ученичката Јана Луческа.

Во црквата Св. Благовештение (Стара црква) и гробот на големиот македонски револуционер Пере Тошев, гимназијалците го закитија со свежо цвеќе, а за животот и делото на револуционерот реферат прочита ученичката Марија Јорданоска.

Прошетката по историските обележја заврши со посета на споменикот на Ѓорче Петров и положување цвеќе, по што, ученичката Катерина Бошкоска прочита реферат за херојот.

– Со историскиот час, учениците запознаа неколку историски споменици и изразија желба да продолжи ваквата практика на запознавање на нашиот град и пошироката околина. Со скромната активност, оддадена им беше почит на овие и на сите други македонски херои членови на МРО, кои беспоштедно се бореле и ги оставиле своите животи во темелите на македонската држава – велат од гимназијата.

На 23 Октомври 1893 година во Солун, група македонски интелектуалци ја создадоа Македонската револуционерна организација. Главната цел на Организацијата е низ организирана форма на целата територија на Македонија да се започне со вооружена борба за ослободување на Македонија и создавање на Македонска држава. Денот на создавањето на МРО, во државава се празнува како Ден на македонската револуционерна борба.

Loading