ДОСТОИНСТВЕНА РАБОТА ЗА ЖЕНИТЕ ВО ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО

Здружението за унапредување и заштита на правата на работниците, “Достоинствен работник”, организираше конференција за подигнување на свеста кај жената од руралните средини за поголемо достоинство во работата во земјоделското производство. Конференцијата на тема “Достоинствен живот и работа на жената во земјоделскиот сектор” беше во  рамките на Меѓународниот ден за достоинствена работа – 7 Октомври. Здружението потенцира дека земјоделството е трет индустриски сектор во создавањето на бруто домашниот производ.

Поради сомнежите дека женската популација често работи во неформалната економија, со мала или без никаква социјална заштита и висок степен на несигурност, нужно е да се сочува достоинствената работа. Во суштина станува збор за невработеноста на жените и недоволната ангажираност, слабиот квалитет и непродуктивни работни места, несигурна работа и плата, непочитување на правата и родова дискриминација. Женската работна рака е подложна на експлоатација поради ниското образовно ниво и адекватната заштита од загуба на примањата во случај на болест или старост.

– За достоинствен живот и работа мора да се создадат можности за гарантирање и создавање на работни места и заштита на работничките права во земјоделството со цел промовирање на дијалог преку инвестирање, претприемништво, развивање на вештини и одржлива егзистенција” – истакна Љубица Џониќ, координаторка на мрежата на жени фармери при Федерација на фармери на Македонија.

Конференцијата беше поддржана од Меѓународната организација на трудот.

Loading