11 Октомври – 75 години од почетокот на вооруженото востание
– На одбележувањето присуствуваше министерот за одбрана Зоран Јолевски

11-ти Октомври е свет ден за Прилеп и прилепчани. Ден кога повозрасните се сеќаваат, а младите слушаат за светлиот датум од поновата историја кој се одбележува како голем настан. На овој ден пред 75 години, партизанскиот одред го нападна бугарскиот полициски участок во Прилеп, го почнаа антифашистичкото востание и Народно ослободителната војна. Слободарскиот и револуционерен дух на македонскиот народ пособено на прилепчани не стивнува. И по 75 години од настанот, новите генерации гордо и достоинствено го одбележаа празникот.
Делегации од Собранието, од Владата предводена од министерот за одбрана Зоран Јолевски, од Сојузот на борците, од локалната самоуправа, претставници на партии, здруженија и граѓани положија свежо цвеќе и им оддадоа почит на загинатите борци од НОБ. Се поклонија пред спомениците на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ Методија Андонов Ченто, на идеологот на Револуцијата Кузман Јосифоски Питу, во центарот на градот, пред алејата на народните херои и Могилата на непобедените каде се моштите на загинатите 650 борци во Паркот на Револуцијата.
И по толку години, сите заедно ја испратија пораката за почит на сите револуционерни предци и празникот да остане симбол на градење мир и стабилност за идните генерации.
Министерот Јолевски рече дека му се оддава почит на Прилеп и неговата улога во народното востание.
– Столбот на државноста, гарантот на независноста на Република Македонија своите корени ги влече токму од идеите за слободна Македонија, идеите за победа над тиранијата на фашистичкиот окупатор. Токму затоа, овој голем празник, денот кога пукнаа првите пушки во Прилеп и Куманово, Македонија застана на страната на правдата е многу значаен за нас. Им оддаваме почит на хероите, на овој херојски град кој пред 75 години го почна востанието во Република Македонија за слобода на македонскиот народ. Има и техничко-тактички збор на АРМ за граѓаните на Прилеп да можат да ги видат и да се уверат дека АРМ целосно е посветена на заштита на територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија – рече Јолевски.
Градоначалникот Марјан Ристески рече дека секој прилепчанец е горд на градот, на своите славни и храбри сограѓани и на сите борци и херои кои се саможртвувале за нашата слобода.
{AG}422/11{/AG}
– Затоа, идеалот на новите генерации е да се градат и да се развиваат градот и Македонија и да бидат дел од евроинтеграциите – рече Ристески.
Според претседателот на Сојузот на борците од Прилеп, Круме Соколоски, градот со 11. Октомври ја продолжи револуционерната традиција на македонскиот народ до создавање на сопствена држава.
– Упатувам апел до новите генерации да се почитуваат овие храбри борци од нашето минато, зашто без минато нема сегашност, ниту иднина, изјави Соколоски.
На булеварот “Гоце Делчев”, беа изложени дел од опремата и оружјето со кои располага АРМ.
– Претставени се над 50 парчиња воена опрема и орудија: артилериски средства, артилериски вооружувања, пешадиско вооружување, инженериски средства за АБХ заштита и се друго што е дел од АРМ и што ни овозможува да ги извршуваме нашата мисија и задача – изјави потполковник Јовица Цветковски, командант на прилепскиот гарнизон “Мирче Ацев”.
Традиционално беше изведен импровизираниот напад на градот со богат огномет. Празникот на прилепчани им го честиташе градоначалникот Марјан Ристески. На камената бина на плоштадот Александрија настапија вокалните солисти на детскиот хор Мали Ангели и воениот оркестар на АРМ. Во Центаротза културата Марко Цепенков целовечерен концерт одржа ансамблот Танец.
По деветти пат на булеварот се одржа и изложба на околу 200 автомобили. Имаше и бројни спортски натпревари.
![]()

