ШМИНКА АВТОМОБИЛИ СО ЉУБОВ

Аутомотив сервис

Majstorot pravi kukli od  smackani koli - Samoil Spirkoski

„Не е потребно само вештина, знаење, искуство или модерни алати и репроматеријали да се врати удрениот автомобил во првобитната, дури и подобра состојба, туку е нужно да се вгради љубов при работата“.

Вака го објаснува пристапот кон автолимарската и автолакерската работа во сервисот Аутомотив, сопственикот Самоил Спиркоски. Можеби затоа сервисот во селото Ново Лагово го привлекува вниманието на возачите и од Битола, Кичево, Гостивар, Кавадарци, Неготино, Скопје, па и од други градови. Го бараат од надвор заради стекнатата репутација и имиџот за квалитет што го создал низ годините. Така добриот збор се слуша на далеку.

Соработува со сите осигурителни компании, така што на возачите им ја олеснува процедурата за надомест.

Речиси 25 години е во занаетот, откривајќи ги марифетите и мајсторилаците со секоја интервенција на секој нов автомобил.

– Искуството е голема предност полесно и побрзо да се поправи и сосема смачкан автомобил. Истутканата тенекија, искршената пластика, излупената и изгребана боја да се репарира и да се врати како нова на автомобилот не е едноставен зафат. Со сериозен пристап и впивање на инструкциите на мајсторите кои ме потковаа со азбуката на занаетот успеав да ги совладам сите пречки. Неопходен е и афинитет. Секој човек располага со некоја дарба. Веројатно тоа е пресудно, ама надградено со многу труд и со добар “даскал” – кажува 40 годишниот Спиркоски.

Самоил всушност е двапати мајстор, на два занаети. Едниот е автолимарскиот (пеглање, заварување, калемење, составување, монтирање), а другиот е автолакерскиот (китирање, филирање, фарбање, монтирање прецизно и внимателно полирање). Финалето е перењето и чистењето, на муштеријата да му светнат очите како сјајот од автомобилот од радост и да замине со “танцување”.

– За умешност во поправањето на каросериите на автомобилите е потребна љубов, комбинирана со искуството, алат, креативност, и логичко размислување да се откриваат проблемите и да се бараат и решенијата, замена на делови, сечење, пеглање, шприцање. При силни удари, возилата се деформираат на предниот трап, на ракавците, на системот за управување, воланот. Сите тие ги демонтираме, ако има потреба ги заменуваме со нови. Тоа е дел од механичка гледна точка. Плус уште нешто од електриката… – вели Спиркоски.

Мајсторот го фатил “патот” на автолимарите и автолакерите од  љубота кон возилата. Го “врзале” за занаетот од дете како чирак и калфа кај Љупчо Луко, па кај Божо и кај Гоце, по што станал свој на своето во сервисот во Ново Лагово.

Сопственикот на Аутомотив сервисот вели дека бизнисот има перспектива. Автолимарската работа е во подем. Не замира додека има возила, следејќи ги новите техники и технологии, преку набавка на специјални апарати за алуминиум, специјални бои и учество на семинари во соседниве земји, па и во Германија, Швајцарија.

Уметнички креации на автомобили, мотори, дури и авиони

Самоил Спиркоски заедно со уметникот Кире Цветкоски црта уметнички слики на авомобилите или на моторциклите со Ербраш техника и принтстрајтинг, со четка изведување на прецизни линии.     

– Работиме и графика. Со сликаните возила и инветивност нé бараат многу меркалии на љубимиците на четири и две тркала, па и на авиони. Оваа техника е пипава, бара внимателност и трпение, односно време и “жртва”. Но, е предизвик. Заинтересирани се моторџиите од Скопје и други места за сликање на деловите на моторциклите.  Имаме најава за сликање на мотор од Бугарија. Им цртаме атрактивни слики, необични, во споредба со стандардните за да отскокнуваат од останатите.  Во кариерата сме цртале и два авиона – вели Спиркоски. 

Loading