БРАЌАТА КОНЕСКИ ГО ОБЛАГОРОДУВААТ ДРВОТО

Столарска работилница Естетика

Nuaka za ubavioto se vraduva vo Estetika - Mile Koneski

Столарската работилница „Естетика“ на осумдесетгодишниот Илија Конески и ден денес живее и развива. Рацете на синовите Миле и Борче ја негуваат семејната традиција со дрводелството како амајлија и скапоцено богатство сé ушто будно набљудувана од основачот. Браќата го продолжиле семејниот бизнис, самостојно стартувајќи од 1992 година. Во срцето на нивната бранша е дрвенаријата, односно изработката на надворешни и внатрешни прозорци и врати, мебел од типот столици, маси и кујни од масивно дрво. Притоа користат исклучиво чамово дрво, костен, даб, орев, односно индустриски украсни дрва со избор на бои и нијанси, а плочите од иверки се само корпус.

– Ме исполнува занаетот, иако економијата е друго прашање. Од четири години се врткав по дуќанот, а татко ми ме бркаше, оти не сакаше да станам “столар”. Тежок занает е, но секоја планина има своја тежина. Без ова не можам да живеам. Дури има луѓе, секогаш ќе работам столарија. Дрвото секогаш ми би било инспирација. Се радувам на насмени лица и задоволни муштерии. Дрвото е и накит на еден дом затоа што е трајно. Небаре наследство како благороден метал. Создава клима на топлина, естетика и нежност. Ако се одржува се користи со векови. Најбитно ми е некој да ме памети по изработката од дрво – кажува Миле Конески.

Своевремено  се пробале и со ПВЦ дограма, но се фокусирале само на дрвената столаријата, бидејќи е ориентација на Европа со години. Не само што ги освоиле локалните муштерии, туку со квалитетот и чесната работа се наметнале и на пазарот во Кавадарци, Неготино, Скопје, Демир Капија, Гевгелија… Нивните изработки се најдобра препорака, по која и се препознаваат меѓу постојните, но и со кои привлекуваат и нови задоволни муштерии.   

– Векот на дограмата е колку еден човечки живот, односно седумдесетина. И дрвото е живо битие. И тоа има душа како и човекот. Сака одвреме навреме премачкување, како што и човекот бара одржување. Практично, дрвените профили имаат естетска вредност. Тоа се природни материјали, драстично различни од вештачките. Иако за нијанса имаат послаба воздушна изолација од ПВЦ, многу се подобри за топлина. Дрвото е нејзин спроводник. Инаку ги поседува истите еуро профили како и пластиката. Немало поплаки. Секоја дилема се решава во стартот. Тука сме за сé, не се бега. Ништо не е спорно, оти еднаш занаетчија – цел живот занаетчија – појаснува Миле. 

Најголема финеса во занаетот е спецификата на изработката и монтажата.

– Суровиот материјал бара подолга подготовка. Треба обарување на суровото дрво, па сушење. Мајсторилакот е во кроењето, да нема фира, туку максимална прецизност и на дрвото да му се даде добра заштита. Најтешка е мерката. На терен се земаат мерки за дограмата побрзо, адекватно и што “побезболно” за муштеријата, без да му се направи фиран дома. Инаку, долготрајност на дограмата се постигнува уште во обарувањето на дрвото – додава Миле. 

Од година во година го унапредуваат бизнисот според можностите. Предизвик за Конески е набавката на добра машинерија, со која се проширува асортиманот. Се носат со идејата за проширување на производствената програма исклучиво преку современа опрема. Но, сето тоа оди со есап и добра економија.

– Не е проблем да се дојде до квалитетен материјал. Не е лесно да се купи пософистицирана машинерија, со која ќе постигне и квалитет и кванитет. Тоа е скапа инвестиција, но не и неизводлива со добра економска подлога. Ден по ден учам за занаетот, било од книги, од прашување по еден по друг стручнак – вели Конески.

Сé на сé, не гасне пламенот за чување и негување на семејниот занает оставен како наследство. Додека 80 годишниот прв газда  вниматено ги следи потезите на децата, полнејќи си ја душата со спомените на илјадници фамилии во кои внесол естетика, и постарата ќерка на Миле, студирајќи на Шумарскиот факултет за дизајн на внатрешни ентериери, се носи со желбата за ЗD исцртување, односно копаничарство како еден нов модерен правец за развој на бизнисот на дедо си, татко си и чичко си.   

Loading